(ВИДЕО) Наместо да ги донира, „Амазон“ фрла во депонии тони непродадени производи


Американскиот лидер во онлајн-трговијата „Амазон“ се соочи со нов притисок од француската влада откако телевизиска репортажа викендов покажа дека компанијата уништува илјадници нови пелени, играчки и друга непродадена или вратена стока во совршенa состојба.

Брјун Поарсон, министер за еколошка и солидарна транзиција на Франција, по телевизиската емисија во неделата, изјави дека е шокирана од тврдењата и ја смета компанијата за одговорна за ваквите практики.

„Во следните месеци во парламентот ќе биде усвоен закон со кој ќе се забрани ваков вид активност. Компании како ‘Амазон’ веќе нема да можат да уништуваат производи кои сѐ уште можат да се користат“, рече Поарсон.

Репортажата на телевизијата М6 содржи снимки од еден неодамна регрутиран новинар во дистрибутивниот центар на „Амазон“ во Саран, во близина на Орлеан во централна Франција. Тој успеал да сними работници кои фрлаат десетици апарати за кафе, неотворени кутии „лего“ и пакети со пелени во огромни контејнери за ѓубре, наместо да ги рециклираат или да ги донираат за добротворни цели.

Во извештајот, исто така, се прикажани снимки снимени од беспилотни летала од тони фрлени предмети во депонии. Екологистите го опишаа ова како „еколошка катастрофа“.

Често е поевтино да се уништи стоката отколку да се врати на производителите или да се организира нејзина дистрибуција до добротворни организации, велат експертите.

Од седиштето на „Амазон“ во Франција велат дека прават сѐ за да го намалат бројот на производи што треба да се вратат на трети лица. Но Поарсон рече дека владата ја смета компанијата за одговорна за правилно располагање со непродадените стоки.

„Сакаме компаниите како ‘Амазон’ да бидат одговорни за тоа што се случува со производите што ги нудат“, рече таа.

(АФП)