Бујар Османи за „Независен весник“: Не е време преговорите за името да се оптоваруваат со референдумот


Блерим Исмаили

Вицепремиерот на Македонија за европски прашања Бујар Османи во интервју за „Независен весник“ непосредно пред да тргне во официјална посета на Атина изјави дека наредниот период за Македонија е „да се биде или не.“Истовремено, Османи освен што испрати порака до политичките партии во Македонија да не го злоупотребуваат овој процес за дневно политички поени, за ИБНА изјави посетата на официјална Атина е во смер на градење на меѓусебна доверба за конечно решение за прашањето за името.

Јануари е важен месец за евроатланската агенда на Македонија, во овој контекст е и најавената средба на премиерот Заев со хомологот Ципрас. И вие ќе патувате во Атина, кои се вашите очекувања?

Повеќе пати сме повториле дека наредните шест месеци претставуваат историска шанса за Република Македонија да направи сериозен исчекор во евроатлантската агенда, и конечно да го затвори прашањето за членство во НАТО и да ја отвори перспективата за пристапни преговори за членство во ЕУ. Во оваа смисла јануари претставува исклучително важен период кој треба да финишира со објавување на Стратегијата на Европската Комисија за проширувањето на Унијата 2025 планирано за почетокот на февруари, а каде очекуваме Македонија да добие заслужено место. Притоа, на домашен терен нѐ очекува огромна работа: имплементација на реформите во клучните области поврзани со правосудството, реформата на безбедносните служби, како и реформата на јавната администрација, притоа, не заборавајќи ги и останатите области како што се медиумите, граѓанското општество, борбата против тероризмот и екстремизмот итн. Секако паралелно ќе работиме и на градењето доверба со Атина, како единствена можност за да постигнеме атмосфера во која ќе може да го затвориме и прашањето за името. Тоа е усогласена владина политика, па во тој контекст ќе биде и мојата посета на Атина.

Дали ќе патувате со конкретен предлог (име)?

Не. Преговорите за разликите околу името си имаат своја рамка и траекторија. Во овој момент наша примарна цел е да ја интензивираме понатаму комуникацијата меѓу Скопје и Атина, притоа искрено посветувајќи им се на мерките за градење доверба меѓу нашите блиски и пријателски општества. Секоја посета на Атина од страна на нашите владини претставници, но и обратно, посетите на Скопје од страна на државниот врв во Атина, претставуваат позитивен придонес во изградбата на порелаксирани односи, нов позитивен пристап во меѓусебната комуникација што на крајот треба да резултира со зголемена доверба не само меѓу политичките претставници, туку воопшто поголема доверба и меѓу народите, граѓаните, бизнисмените, и севкупно, поголема доверба меѓу општествата. Само во таква атмосфера е можно да се направи обид за изнаоѓање на заедничко прифатливо решение околу разликите за името, за што јас верувам дека во наредниот период ќе имаме резултат.

Дали ДУИ се уште стои на ставот дека ова прашање може да се реши преку законодавниот дом и не преку референдум?

Тоа е веќе третиот чекор, откако прво ќе изградиме доверба и ќе усогласиме заедничко прифатливо решение. Во овој момент не треба да дозволиме прашањето за референдумда го оптоварува овој и онака комплексен процес, а најмалку да се злоупотребува тоа прашање за дневно политички цели. Мислам дека ваквото оптоварување на процесот со дополнителни елементи и во минатото претставуваше пречка за напредокот и очекувам во овој период поголема зрелост и одговорност од сите влијателни општествени чинители. Секако дека евентуалното решение нема да биде ад-хок, туку ќе има поширока верификација од страна на севкупното општество, но во овој момент е контрапродуктивно да се оптоварува процесот со тоа прашање.

Грчките медиуми пишуваат дека се очекува средба Заев со Ципрас во Давос овој месец, дали го подготвувате теренот за најавената средба?

Двајцата премиери и досега имаа контакти и колку сум јас во тек, тие се одвиваат во позитивна атмосфера и се движат во добра насока. Важно е што имаме воспоставено редовна комуникација со Атина и, во наредниот период, ваквите контакти, посети и средби очекувам да зачестат.

Кои ќе бидат следните чекори по ова средба?

Како што споменав до крајот на јануари ќе бидеме фокусирани на испорака на резултати по клучните области, пред објавата на Стратегијата за проширување за Западен Балкан до 2025 година од страна на Европската комисија на почетокот од февруари. Но, имплементацијата на реформите и отстранувањето на политичките пречки продолжува со несмален интензитет и во наредниот период, до редовниот извештај на Европската комисија за Македонија во април, за кој треба да се потрудиме да биде најдобар до сега, но и понатаму во текот на годината. Нагласувам дека реформите се составен дел на процесот на интегрирање на Македонија во Европската Унија и се дел од пристапните преговори, а тој процес ќе трае повеќе години. Отстранувањето на условеноста на препораката можно е да се случи и претходно, уште во февруари, но во секој случај, сето тоа треба да финишира со конкретна Декларација на историскиот самит на Европскиот Совет за проширување во мај во Софија, со што ќе се забетонира европската перспектива на Македонија, но и на останатите земји од Западниот Балкан. На крајот од овие шест месеци во јуни е и редовниот Совет на Европската Унија, за кога, согласно успешноста на процесот, очекуваме и одлука за почеток на преговори за полноправно членство од страна на Европскиот совет.