Брисел ни даде препорака и порака: Направената штета ќе се поправа со години


„Европската комисија, како резултат на постигнатиот прогрес, препорачува отворање на преговорите за членство со Македонија. Задржувањето и продлабочувањето на сегашниот реформски моментум околу ургентните реформски приоритети ќе бидат решавачки за идниот прогрес на земјата. За да го поддржи ова, Европската комисија ќе примени зајакнат пристап за преговарачките поглавја околу судството, фундаменталните права и правдата,слободите и безбедноста на земјата“.

Ова, според извештајот за прогресот до кој дојде „Независен весник“, е заклучокот на Европската комисија за Македонија, со кој ни се враќа безусловната препорака за преговори.

Во заклучокот, исто така, стои дека Македонија во најголем дел ја надминала длабоката политичка криза и дека за неопходните структурни реформи што се во тек ќе бидат потребни години за да се спроведат бидејќи штетата направена изминатите години не може да се надомести преку ноќ. Исто така, се оценува дека е завршена значајна работа околу ургентните реформски приоритети, прво и пред сѐ преку искрена желба за реформирање и преку објективна проценка на ситуацијата, проследено со подготовка на стратегиите што се одолговлекувале претходно, и тоа на транспарентен начин и со вклучување на опозицијата.

„И покрај тешкотиите, поради отсуството на главната опозициска партија, најважните стратегии и закони од овој пакет се донесени во периодот од декември до февруари, а повеќе други се подготвени за усвојување во наредните месеци. Што е најважно, политичката волја да се оди напред е јасно присутна“, стои во извештајот на ЕК. Во него се забележува, исто така, дека за разлика од претходно сега има позитивна промена и во политичкиот менталитет во општеството. Се проценува дека парламентот прави напор да го воспостави повторно својот капацитет за контрола над власта, дека Македонија била доверлив партнер за време на мигрантската криза и дека позитивниот прогрес во преговорите за името треба да се надгради, заедно со прогресот во добрососедските односи. На крај во извештајот се нагласува новата позиција на ЕУ дека нема да увезува нерешени билатерални прашања и дека тие што сакаат да напредуваат кон членство мора да ги решат ургентно.

По речиси девет години, откако првпат ЕК препорача преговори со Македонија, како земја се враќаме на истата стартна позиција, со единствена разлика дека овој пат има шанса да се реши спорот за името и лидерите на ЕУ конечно да ја прифатат препораката и да започнат преговори за членство. Македонија годинава е светлата точка на политиката на проширување на ЕУ, посочена како позитивен пример од неколку аспекти. Покрај Македонија, според извештајот, чекор напред ќе направи и Албанија, која исто така ќе добие препорака за преговори, а преговорите со Турција ќе добијат уште еден застој поради лошите политики на Анкара.

Генерално, за целиот регион има многу негативни оценки, од кои во одреден дел се дистанцира Македонија. Така, се оценува дека прогресот е непостојан, дека има сѐ уште елементи на заробени држави, дека корупцијата е широко распространета, дека во сите земји има специјализирани тела, но сѐ уште има необјасниво богатство меѓу политички експонирани лица кое ретко се истражува, како и дека сѐ уште недостигаат транспарентност и отчетност, поделба на власта и силна надворешна контрола на институциите. Дека моќни криминални организации сѐ уште оперираат во регионот, особено поврзани со трговија со дрога, оружје и со луѓе, дека се забележува назадување во слободата на изразување и на медиумите, дека екстензивно се користат ургентните парламентарни процедури и хронично недостига политички дијалог и се политизирани избирачките комисии. На економски план се забележува исто така заробеност на државите, пред сѐ изразена преку недостиг на независен судски систем, силно влијание на државата на економијата и често менување на дозволите и даноците, што доведува до ризик за корупција.(С.Ј.)