Бошкоски: Нема да се гледаме со командант Хоџа


Тринаесет посебни, десет „обични“ и 33 надворешни советници има премиерот Зоран Заев. Еден дел од нив имаат статус на административни работници и тие се обврзани секојдневно да доаѓаат на своите работни места, но поголемиот дел се „теренци“, на кои единствена обврска им е да рефефираат пред претседателот на Владата, па макар тоа го правеле и по електронски пат. Освен што се високо платени за македонски услови, тие главно се поставени благодарејќи на политички пазар или блискост со Заев, поради што наместо да бидат „мозокот“ на премиерот, доделена им е улога на „ухлеби“, поради што гневот на јавноста е огромен. Назначувањето за советник на лице кое едвај завршило средно образование е навреда и омаловажување и за стручните советници, чие искуство и знаење е повеќе од добредојдено.

Премиерот има посебни советници за речиси сите области, министерства и институции: советник за административен асистент, за постапување по претставки и предлози, за организација на активности меѓу домашни компании и институции, двајца советници за мали и средни претпријатија, за инвестиции и развој, за следење и реализација на проекти, за ресурси, за млади и спорт, странски инвестиции, економски прашања, култура, односи со јавност, за Рамковен договор, за евроатлантски интеграции… Поделени во три категории: надворешни соработници кои имаат статус на хонорарци, советници со статус на државни работници и посебни советници за разни области.

Советниците на премиерот ги избира самиот тој. Нивниот број е значително намален за разлика од порано, а некои од нив се ангажирани без никаков финансиски надоместок. Надоместокот што се договорил за Џезаир Шаќири е договорен меѓу него и кабинетот на премиерот“, вели министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.

Имајќи предвид дека советниците ги избира лично премиерот, тие не мораат да исполнат одредени услови кога е во прашање образованието и работното искуство. Доволно е тоа што претседателот на Владата смета дека неговите советодавни услуги му се потребни. Работа на советникот е да подготвува предлози, сочинува мислења и да врши други работи за премиерот. За разлика од САД и другите развиени демократии, каде што советниците важат за „власт од сенка“, во Македонија се поставуваат луѓе чија главна квалификација е партиската или личната блискост со шефот.

Знам дека многумина и за мене велат дека не сум стручен и талентиран за тоа што го работам, односно за привлекување странски инвестиции, но јас години и години од животот минав и работев во туѓина, воспоставив и одржувам контакти со многу странски инвеститори, така што ќе оставам времето да каже дали и колку добро сум ја завршил доверената задача“, вели Љубе Бошкоски, кој од неодамна го советува Заев за странски инвестиции.

Објаснува дека советниците не се обврзани да се гледаат меѓусебно, дека немаат стриктно работно време и се целосно независни еден од друг.

Не гледам ништо чудно во тоа, особено што мојата работа е да се состанувам со потенцијални инвеститори, да разговарам со нив, да им ја претставам стратегијата на Владата, политиките што ги води во таа област и за тоа да го известам премиерот. Мојата комуникација е исклучиво со него“, ни рече Бошкоски.

Тоа е индиректен одговор и на прашањето како ќе соработува со екскомандант на ОВК, а на прашањето да го оцени неговиот интелектуален капацитет, вели тој што оценува нечиј капацитет повеќе зборува за себе отколку за другиот.

Ние 15 години живееме во рамковна Македонија, сѐ што беше превидено со тој договор е реализирано. Ако сакате подиректно, најрадикалните и најхрабрите чекори во имплементирањето на тој договор ги презеде токму владата на Никола Груевски, па сега малку е чудно да се прават патриоти. Сега со крупни чекори газиме напред, одиме кон НАТО и кон ЕУ, да се фокусираме на тоа“, заклучува Бошкоски.

Цветанка Ласкова е посебен советник за култура на претседателот на Владата. Во интервју за „Независен“ таа рече дека нејзина задача е да настапува во име на Заев, поради што нејзината одговорност е многу голема.

Секојдневно се среќавам со безброј луѓе од разните области во културата. Се разбира, се запознавам со индивидуалните проблеми, но и со горливите проблеми во институциите од областа на културата. Токму тука доаѓа до израз мојата советничка улога. Целта ми е да помогнам каде што можам и работите да тргнат во нагорна линија“, изјави Ласкова за нашиот весник.

Меѓу постручните советници на шефот на „Илинденска“ се и Мерсел Биљали и Исмет Рамадани, но нивните блиски ни рекоа оти биле во странство, па не можевме да добиеме одговор што мислат за поставувањето на командант Хоџа на исто рамниште со нив.

Месечните примања на советниците на Заев се движат околу 50.000 денари, поради што циниците забележуваат дека Шаќири не се испазарил доволно добро, имајќи предвид дека тој ќе добива надомест од 36.000 денари, „колку да обезбеди лепче за многубројното семејство“, како што рече премиерот.

ВМРО-ДПМНЕ: Заев да си го вработи Хоџа во семејните фирми

Форшпан: За министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вклучувањето на Хоџа во советничкиот тим на премиерот е позитивна вест. Полошо ќе било ако има луѓе што сакаат да останат надвор од институциите

Од ВМРО-ДПМНЕ побараа да не му се издава безбедносен сертификат на Џезаир Шаќири, алијас командант Хоџа, кој е назначен за советник за безбедност на премиерот Зоран Заев. Потсетуваат дека станува збор за лице што се поврзуваше со убиство на полициски службеник и е на црната листа на САД.

Доколку Зоран Заев навистина се грижи за егзистенцијата на командантот Хоџа, тој може да го вработи во една од неговите фирми, но не и на место советник за безбедност на премиерот и да му ги даде на располагање сите државни тајни. Позицијата советник за безбедност не е функција за згрижување на луѓе со слаба материјална положба, туку одговорна позиција. ВМРО-ДПМНЕ бара одговор за ангажирањето на командантот Хоџа и бара неговото ангажирање веднаш да биде раскинато. ВМРО-ДПМНЕ инсистира надлежните органи веднаш да отворат истрага и да го повикаат командант Хоџа да објасни како го заробил Танушевци? Дали е вистинито тврдењето на Хоџа дека советничкото место е замена за ослободување на селото? Кои се другите негови соучесници и каде е оружјето со кое што го заробиле селото?“, прашуваат од најголемата опозициска партија.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски се огласи, исто така, изјавувајќи дека полицијата има контрола врз целата територија на државата, но не одговори колку од сензитивните безбедносни документи ќе му бидат достапни на Хоџа.

За тоа што ќе му биде достапно на советникот, ќе барате информација од Владата“, изјави тој.

Сепак, во својство на висок функционер на СДСМ тој рече дека доколку се погледне подлабоко многу контроверзни имиња ја водат Македонија и од 2002 година учествуваат во политичкиот живот во државата.

Прашањето е што е тука контроверзно. Ако имавме воен конфликт предизвикан, пред сѐ, од тоа што можеби немавме доволно сенс за интеграција на секој еден човек во општеството, тогаш треба да бидеме прагматични при носењето одлуки. Сметам дека во вакви услови прагматичноста е многу важна за подобрување на сите аспекти на општественото живеење. Не гледам причини зошто позитивно не би се оценувало секое приклучување на луѓе кои сакаат да работат во Македонија. Навистина би бил загрижен доколку има луѓе што не сакаат да се приклучуваат кон институциите на системот, кои излегуваат надвор од нив, не сакаат да бидат дел од безбедносните служби, министерствата, Владата“, рече Спасовски.

Горан Адамовски