Безбедносен тунел за лидерите во НАТО


Засилени безбедносни мерки се преземаат во Брисел во очекување на почетокот на самитот на НАТО, на кој ќе присуствуваат шефови на држави и влади на 29. земји-членки на алијансата.

Дводневниот самит ќе се одржува во новиот објект на НАТО, кој е со повисоки безбедносни стандарди. Пред објектот е поставен монтажен тунел низ кој ќе поминуваат лидерите на земјите учеснички на самитот за да стигнат до прес-центарот на прес-конференција. И тунелот е поставен од безбедносни, но и од практични причини.

Брисел е безбедносно мобилизиран како никогаш досега во историјата. Освен 55 странски делегации, меѓу кои и американската, за Самитот на НАТО, белгиската полиција обезбедува и повеќе места каде граѓаните се собираат да го гледаат преносот на фудбалскиот меч Франција-Белгија.

Јакнењето на способноста за одбрана, проектирање безбедност, борба против тероризмот, посилна соработка со Европската унија се дел од точките на дневниот ред на самитот. Се очекува членките на НАТО да потврдат одлуки за прилагодување на командната структура на Алијансата која ќе се зголеми за 1.200 лица како и „иницијативна подготвеност“ со која сојузниците до 2020 година ќе имаат по 30 механизирани бригади, воздухопловни ескадрили и борбени бродови.

Членките на НАТО ќе донесат и одлука за почеток на преговори за членство на Македонија во алијансата.

С.Ј.