БЕГ: По кој закон Шилегов тврди дека мрежата за парно е дивоградба?


Балкан енерџи груп (БЕГ), компанијата што во моментов ја користи топловодната мрежа во Скопје, тврди дека таа, согласно важечките закони, никогаш не била третирана како дивоградба а согласно обврските со новиот закон, почнaла постапка за легализација, којашто е во тек. Реакцијата на БЕГ следи по ставот на градоначалникот на Скопје Петре Шилегов дека топловодната мрежа во Скопје е дивоградба и нема имотен лист.

„Согласно Законот за регистрирање на подземни и надземни инфраструктурни објекти и придружни инсталации од 2012 година, за објекти во кои влегува и топловодната мрежа, се водеше посебен Регистар од страна на општините во Градот Скопје и град Скопје Овој закон важеше до април 2013. Со влегувањето во сила на Законот за катастар на недвижности, БЕГ како оператор на топловодната мрежа, согласно обврските од новиот закон, уште во јуни 2014 покрена иницијатива до ‘АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката’, да се спроведе постапката за легализација на топловодната мрежа. Дистрибутивната топловодната мрежа е во сопственот на Република Македониja, и со неа стопанисува ова АД. Барањето за легализација до Министерството за транспорт и врски е поднесено во ноември 2015 година“, објаснува БЕГ, додавајќи дека ова значи оти согласно важечките закони мрежата никогаш не била третирана како дивоградба, и во моментот кога законот укажал, компанијата навреме покренала иницијатива, ангажираше геодетска фирма за снимање на топловодната мрежа, како и лиценцирана фирма за финансиска процена, по што почнaла законската постапка за легализација, која е во тек.

„Би сакале да нагласиме дека постапката за легализација во никој случај не може да ги наруши правата и обврските на нашата компанија по однос на лиценцата и договорот за користење на мрежата кои се со важност до 31.12.2047 година. Таквиот потег би значел кршење на законите, превземените договорни обврски како и нарушување на правната сигурност на инвеститорите со сите правни последици. Нашите инвеститори сѐ уште го држат приматот на најголем странски green field ивеститор во Република Македониjа со инвестирани преку 200 милиони евра во македонската енергетика“, укажува БЕГ.

Компанијата вели дека во целост се согласува со ставот на Град Скопје за превземање на функциите за планирање на енергетската политика на градот Скопје, со која што Градот ќе ги има ингеренциите за планирањето на греењето на градските зони од различни извори централно греење, природен гас, електрична енергија.

„БЕГ во рамките на подготовката на новиот закон за енергетика предлагаше Градот и единиците за локална самоуправа да се овластат да ја планираат енергетската структура на градовите и населените места. Ние го подржуваме Градот да добие надлежности за ширење и градба на енергетската инфраструктура вклучувајќи ја и топловодната мрежа, при што ќе ги добие и правата за финансирање на истото преку наплата на приклучни такси и амортизација на мрежата. Нашата компанија ќе продолжи да ја користи мрежата согласно договорот за користење и важечката лиценца, односно ќе ја врши енергетската дејност дистрибуција на топлина. На тој начин ќе се задоволат оправданите барања на град Скопје да ја планира и гради топловодната инфраструктура со обезбедени финансиски алатки, а од друга страна енергетската компонента на дејноста ќе остане во рацете на високо специјализираната енергетска компанија БЕГ, која има развиено специфични кадровски и технички ресурси за професионално вршење на дејноста и ги има сите неопходни вештини, искуства и знаења“, посочува БЕГ и вели дека тоа е важно за квалитетно и ефикасно дистрибуирање на топлина.

БЕГ укажува и дека концептот каде локалните самоуправи се сопственици на топлификационите мрежи и се одговорни за нивно планирање и развој согласно урбанистичкиот планови, а професионални енергетски компании ги користат и ја обезбедуваат енергетската услуга за која се специјализирани, е  во согласност со европските директиви но и со новиот закон за енергетика.

За проблемот со загадувањето на воздухот во Скопје, БЕГ објаснува дека  централното греење е економски оправдано само во урбаните централни делови на градот и општините кои се карактеризираат со голема концентрација на колективни станбени објекти, институции и деловни објекти на релативно мал простор.

„Тоа се оние делови од градот кои се греат или на централно греење или на електрична енергија и воопшто не се извор на загадување во Скопје. Изворот на загадувањето согласно сите објавени студии се индивидуалните станбени објекти кои користат огревно дрво, јаглен, нафта итн, а кои се распределени во периферните делови на градот. Воведување централно греење во куќите е прескапо од аспект на трошок за опрема кај потрошувачите и трошок за линиска инфраструктура. Затоа сметаме дека Градот и локалните самоуправи треба да се фокусираат за изнаоѓање алтернативни начини на загревање на куќите на економски оправдан начин со што реално ќе се реши загадувањето на воздухот, наместо да се насочуваат кон топлификациониот систем кој не е ниту извор ниту решение за загадувањето“, тврди БЕГ.

Според анализите на БЕГ направени во соработка со еминентни стручни институции во земјава, за загревање на куќите во делови на градот со низок степен на урбанизација, економски оправдано решение е замена на печките со високо ефикасни инвертер клима уреди. Во просек една печка на дрва или јаглен може да се замени со 2 инвертер клима уреди со грејна моќ од 3,8 kW. Вкупната инвестиција не надминува повеќе од 30.000 денари по домаќинство, а трошоците за електрична енергија се дури пониски од трошоците за огревно дрво. Во деловите на градот каде постои среден степен на урбанизација со комбинација на куќи, деловни објекти и помал број колективни објекти, оптимално решение е гасификацијата, смета БЕГ.