Ана Бландијана – добитник на „Златен венец“ на СВП за 2019


Романската поетеса Ана Бландијана е лауреат на годинашниот „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата.

Одлуката денеска, на Светскиот ден поезијата, ја соопштија дирекцијата и Управниот одбор на СВП, чие 58-мо издание традиционално ќе се одржи на крајот на август.

„Златниот венец“ на Ана Бландијана ќе и биде врачен на меѓународниот поетски митинг „Мостови“ на затворањето на Струшките вечери на поезијата.

-Не сум сигурна како да ја изразам возбудата што ја почувствував кога ја добив прекрасната вест дека ми го доделивте „Златниот венец“ во Струга. За да разберете што чувствував, треба да знаете дека за мене, како романски поет, овој легендарен венец е поважен од која било друга европска награда. И тоа не само затоа што е една од најстарите книжевни награди во светот, туку затоа што пораснав и станав поет под речиси митската аура на поетскиот фестивал крај Струшкиот мост и во Орхидската катедрала и крунисувањето на Никита Станеску беше магичен момент на мојата генерација.

Во светот во кој војните, револуциите и промената на историјата и географијата оставија малку простор за поезијата, наградата „Златен венец” опстои шест децении на преминот меѓу два века и со помош на лирата и ловориките се спротивстави на сите видови оружја и со љубовни зборови се спротивставува на сите видови омраза. Веќе педесет и осум години, големите светски поети што ги избравте, благодарно доаѓаа во оваа земја, по која чекореше Орфеј, осветлени со верата дека убавината ќе го спаси светот и дека нивното присуство може да го втисне во духот на Европа обликот на Струшкиот венец.

Се надевам дека читателите на светот ќе продолжат да се сплотуваат околу поезијата како што нашите раце се сплотуваат за да понудат засолниште на пламенот, за да не се изгасне од ветрот.

Нека Богот на поезијата, кој го држи Златниот венец, продолжи да ја благословува Северна Македонија!, напиша Бландијана во пораката до дирекцијата на СВП.

Една од најценетите современи европски авторки, Ана Бландиана, доаѓа од богатата, високо респектирана книжевност и динамична литературна сцена, каква што е романската, а која до сега ги изнедрила светски афирмираните авторски имиња, како што се Емил Сиоран, Ежен Јонеско, Никита Станеску (кој, своевремено, и самиот бил лауреат на Струшките вечери на поезијата), Михаил Еминеску и многу други врвни авторски имиња .

Ана Бландијана (псевдоним, зад кој се крие името на Отилија Валерија Коман) е припадничка и претставник на поетската генерација од 60 –тите години, која е заслужна за афирмацијата на модернизмот во романската литература и поезија.

„Јас бев забранета, уште пред да станам поет“ – потресно сведочи Ана, откривајќи дека, за време на тоталитарниот режим на Чаушеску, била принудена (секојпат кога ќе излезела од домот) да ги крие своите ракописи и насекаде да ги носи со себе (понекогаш, оставајќи ги во домовите на своите доверливи пријатели) – поради оправдан страв, тие да не и’ бидат запленети или уништени (како делата на многу писатели други претходно).

Можеби, токму заради тоа е толку силен, речит, но и неодолив одекот на забрануваните книги, дела, вистини, но и на премолчуваните убавини и дострели – кои тлееле и се усвитувале, долго време, пред тие да го дочекаат заслужениот триумф или покајанието на денот!

Поезијата на Бландијана не флертува со помодното и површно допадливото пишување, таа е критички настроена и суштински загрижена заради губитокот и отсуството на слобода во современо-историската бездна, сред која е стаписано човештвото …

Нејзиното писмо ги спојува личносните и интимни предизвици со метафизичките и мисловни поенти, тоа е  воопшто лирика на симултани созвучја меѓу Ерос и Танатос и нивната нераскинлива прегратка, но, исто така и созвучја меѓу телесното и духовното, сетилно-чувственото и мисловното, непосредувано детското и длабоко мудроносното.

Како што сведочат книжевно критичките реакции и одгласи ширум Европа – творештво на Ана Бландијана претставува значен придонес во збогатувањето на изразните потенцијали на современата литература, како и витален поттик за ревитализација на нејзината благородна мисија во едно сурово време, какво што е нашето…

Лириката на Бландијана е лирика со медитативна, на пати исповедна интонација, обележана од постојаниот егзистенцијален немир и длабоката запрашаност над темелните дилеми на човековата судбина, проникната од искуството (и предизвикот) на другоста/инаквоста, прашањата за моралната одговорност и незаобиколноста на моралниот став, креативната сила на љубовта како базична светотворна и книжевна енергија, драматичните, а премолчани загатки и искушенија на творечкиот чин.

На крајот, не треба да заборавиме на тоа, дека литературата на Ана Бландијана беше своевремено препознаена и вреднувана од страна на нашиот фестивал Струшки вечери на поезијата – за што сведочи објавувањето избор од нејзината поезија „Архангел во саѓи“, во рамки на едицијата „Плејади“, точно пред 15 години, во 2004 година – со препев (и извонреден поговор) од нашата, меѓународно реномирана авторка, Лидија Димковска, ќе напише во својата беседа д-р Елизабета Шелева, претседателка на Управниот одбор на СВП.