Активистите шокирани – Уставниот суд им го одзеде правото на референдум


Граѓаните од југоисточна и источна Македонија пак се мобилизираат откако Уставниот суд ги поништи одлуките за распишување референдум на општина Дојран за рудникот „Казандол“. Десетина здруженија кои ја поддржуваат иницијативата „Стоп за рудниците на смртта“, следната недела ќе излезат со план за акција.

„Апсурд до апсурд. На иницијатива на ексградоначалникот, Уставниот суд цитира членови од закон и на крајот заклучува дека на локално ниво граѓаните не можеле да одлучуваат за прашањата за отворање рудник бидејќи тоа било стратегиски интерес на државата“, вели Ангел Наков, претседател на здружението „Спас за нас“ од Гевгелија.

Реакции има и по социјалните мрежи. Активистите велат дека со неверување ја прочитале одлуката во „Службен весник“.

„Невидено. Како може Уставниот суд да го скратува загарантираното уставно право на сите граѓани да одлучуваат за здрава животна средина. Тоа е нонсенс. Со ваква одлука  Уставниот суд сака да биде соучесник во геноцидот на 400.000 граѓани. Ние тврдиме дека издавањето 18 концесии исклучиво во југоисточна Македонија, од Старо Нагоричане до Мариово, е намерна стратегија на претходната влада, ако знаеме дека има природни богатства и во западна Македонија, а таму ниедна концесија не е издадена. Уставниот суд, очигледно, се вклучува во оваа стратегија“, ни изјави Наков.

На референдумот за рудникот „Казандол“, лани во јули, граѓаните се изјаснуваа по две прашања – дали сте за или против продолжување со работа на рудникот и рударскиот комплекс „Казандол“, и дали сте за или против отворање рудници и рударски комплекси за металични минерални суровини на територијата на Општина Дојран, рудникот „Бајрамбос-Башибоз“. Граѓаните се изјаснија против двата рудника. Владата еднострано го раскина договорот за концесија за „Казандол“ во март годинава, а во тек е демонтирање на опремата.

Уставниот суд ги поништи трите општински одлуки за распишување референдум во Дојран, а одлуката е објавена во „Службен весник“ во вторникот. Образложението на Уставниот суд е дека независно од фактот што минералните суровини се наоѓаат на земјиште што се наоѓа на територијата на единицата на локалната самоуправа, тие се во сопственост на државата, односно Републиката. Имајќи го предвид фактот што одделни минерални суровини можат да имаат и стратегиско значење за развојот на стопанството, за нивната експлоатација согласно наведените одредби од Законот за минералните суровини, одлучува Републиката односно органите на државната власт, а не органите на локалната самоуправа, а граѓаните во единиците на локалната самоуправа по пат на референдум можат да одлучуваат само за прашања што се од надлежност на општината, во кои не спаѓа прашањето за експлоатација на минералните суровини и отворање рудници за нивна преработка.

Во мај годинава Уставниот суд ги поништи и одлуките за референдум на Општина Валандово, кој се одржа во август минатата година. Тој референдум не успеа затоа што не беше исполнет цензусот за излезеност од 50 плус еден глас од вкупниот број избирачи.

Анита Салтировска