„Њујорк тајмс“: Во труењето на Скрипал учествувал високо специјализиран хемичар


Во труењето на поранешниот полковник на руската воена разузнавачка служба ГРУ, Сергеј Скрипал во Велика Британија, учествувал специјалист хемичар, објави „Њујорк тајмс“. Според весникот, кој се повикува на неколкумина експерти, истрагата во Велика Британија води во насока дека агенсот бил нанесен на кваката од влезната врата на домот на Скрипал и дека тоа било изведено со учество на високо квалификуван специјалист за хемиско оружје.

– Ваква процедура бара длабоко знаење на основите на хемиските процеси, изјави за весникот независниот експерт од областа на хемиското оружје, Ричард Гатри.

Тој вели дека нервно-парализирачката супстанца треба да биде нанесена на таков начин што таа ќе остане на кваката од вратата и нанесувањето на кожата по контактот да биде со голема веројатност.

Според друг ескперт, предметот обработен со отровната супстанца не треба да изгледа сомнително.

– Жртвата посега по кваката и таа би забележала дека е влажна. Но, воопшто не помислува дека некој се обидува да ја отруе. Ако тоа го знале ќе ја избришеле кваката. Конечно, и самиот трујач треба, очигледно да избегне контакт со супстанцата за да не го загрозаи својот живот, вели професорот по токсикологија на Универзитетот во Лидс, Аластер Хеј.

Сето ова, како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, ги навело експертите да претпостават дека труењето што се случи во англискиот град Салсбери е злосторство изведено од луѓе кои имаат високи познавања од хемијата.

„Њујорк тајмс“ смета дека толку сложена операција не би можела да биде изведена без подршка од Кремљ.

Велика Британија за труењето ја обвини Русија и протера 23 вработени во руската Амбасада во Лондон. САД, Канада и десетици други западни земји во знак на солидарност со Велика Британија, протераа околу 150 руски дипломати.

Во 2006 година Скрипал беше осуден од руски суд на 13 години затвор поради шпионажа во полза на британски разузнавачки служби. Во 2010 тој беше ослободен во рамки на размена на шпиони меѓу Русија и САД и доби азил во Велика Британија.