Јужна Кореја го казни Фејсбук со 370 илјади долари

Јужнокорејскиот телекомуникациски регулатор ја казни компанијата Фејсбук со парична казна од 396 милиони вони (369.400 долари), бидејќи на корисниците незаконски им ограничила пристап до своите услуги.

Корејската комисија за комуникации соопшти дека Фејсбук мора да ја плати казната поради кршење на Законот за комуникации, по тврдењето дека на одделни локални корисници намерно им е ограничен пристапот до Фејсбук и Инстаграм, во моментот кога со провајдерите на интернет услуги се договарал за провизија околу користење на мрежата.

Од Фејсбук не одговорија на ваквите тврдења, но компанијата претходно соопшти дека презема напори да обезбеди подобра услуга на корисниците на Јужна Кореја.