ЈСП: Набавките се законски, го повикуваме ВМРО-ДПМНЕ на соочување за нашата работа
Постапките за набавка на електронски картички и избор на консултант за ревизија на електронскиот систем за наплата се во согласност со законот за јавни набавки и се реализирани поради оправдана итност, велат од ЈСП. Подетално за процедурата, објаснување за медиумите даде генералниот директор на ЈСП Скопје, Кристијан Чушков.
-Јавното сообраќајно претпријатие Скопје по промената на раководството на претпријатието во континуитет работи на зголемување на квалитетот на услугите кои ги нуди како сервис на граѓаните. Како резултат на тоа во првото полугодие од оваа година продажбата на електронски картички – билети беше зголемена за речиси 20.000 билети повеќе во однос на истиот период лани. Ваквото зголемување пројави опасност од евентуален недостиг од овие картички и тоа во пресрет на почетокот на новата учебната година. За да се спречи недостигот на картички во услови на крајна итност беше отворена постапка со преговарање во која учествуваа 3 понудувачи, и тоа ИД Кардс кој понуди цена од 120 денари за картичка, Коннектел со цена од 125 денари за картичка и досегашниот добавувач Македонски Телеком со цена од 130 денари по картичка, при што е избран најповолниот понудувач- појасни Чушков. Потенцираше дека лажно е тврдењето дека во случајов бил направен договор во 4 очи, туку постапката е во целосна согласност со законот за јавни набавки.
Имајќи ја предвид нефлексибилноста на досегашните билети, ЈСП Скопје по укажување на граѓаните изработува нов систем за наплата и валидација на билети. За изработка на квалитетна техничка документација за новиот систем беше распишан оглас за консултантски услуги. На овој оглас се јави само еден понудувач и истиот беше избран.
-Значи станува збор за две различни постапки, во кои се избрани 2 различни фирми, во целосно законска постапка. Во текот на постапката согласно закон сме немале обврска да ги споредуваме адресите на кои биле основани овие фирми. Но, дури и да сме ги споределе адресите, согласно закон сме немале право да ги дисквалификуваме фирмите заради тоа што биле основани на иста адреса-додаде Чушков.
Тој истакна дека ЈСП како и досега ќе продолжи да ги штити интересите на граѓаните и да работи на зголемување на квалитетот на услугите што повторно ќе резултира со зголемување на бројот на патниците, а со тоа и намалување на сообраќајниот метеж во Скопје.
-Го повикувам ВМРО-ДПМНЕ на јавно соочување за работата на ЈСП Скопје, вклучително и за овие две постапки. Доколку не собере храброст го прифати јавното соочување, изнесените обвинување ќе ги сметам за лаги и конструкции, а само тоа е тоа што ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот период знае да го прави-дециден е генералниот директор Чушков.
Фото: Борис Грданоски