Шекеринска во САД ќе побара побрза ратификација на НАТО протоколот
Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска престојува во работна посета на САД, каде следните денови ќе има средби со високи претставници во Пентагон и Белата куќа, со сенатори, конгресмени и НАТО дипломати.
Шекеринска, како што соопшти Министерството за одбрана, ќе има воведно излагање на Конференцијата на НАТО за градење интегритет на тема „Градење на способни и одговорни институции за зајакнување на нашите партнерства“, заедно со помошник генералниот секретар на НАТО за политички прашања и безбедносна политика, Алехандро Алваргонзалез.
За време на посетата, таа ќе учествува во дебата организирана од влијателниот тинк тенк Германски Маршалов фонд на тема „НАТО и пошироко“ и ќе одржи предавање на Колеџот за меѓународна безбедност.
САД се една и од најважните членки на НАТО и стратешки партнер кој континуирано го поддржува членството на Република Северна Македонија во НАТО. На средбите министерката Шекеринска ќе зборува за подготвеноста на нашата земја за членството во НАТО како одговорен сојузник и ќе побара поддршка за побрза ратификација на НАТО протоколот во САД, се наведува во соопштението на Министерството за одбрана.