Чолаку му возврати на Павлопулос: Чамарија е дел од националниот идентитет на Албанците
Албанската опозиција остро реагираше на изјавата на грчкиот претседател Прокопис Павлопулос, со која и порача на Албанија да не го споменува прашањето за Чамите, доколку сака во ЕУ.
Првиот човек задолжен за надворешна политика во најголемата опозициска сила во Албанија, Демократската партија, Крешник Чолаку, остро ја осуди изјавата на Павлопулос и оцени дека таа нема никаква поврзаност со европскиот дух.
– Изјавата на грчкиот претседател е арогантна, неприфатлива и антиевропска. Чамарија е дел од националниот идентитет на Албанците, а европската интеграција од нивен национален интерес. Европа за која сонуваат Албаците е почитување на идентитетите и слободите на секој поединец или народ, посочи Чолаку.
Тој нагласи дека не знае за каква Европа зборува грчкиот претседател, но е убеден дека „не зборува за Европа која ја познаваме и сакаме“.
Околу изјавата на Павлопулос засега нема реакција од официјална Тирана.
Грчкиот претседател ја предупреди Албанија да биде внимателна и да не го споменува прашањето за Чамите, доколку сака да стане членка на ЕУ, а Чамите ги нарече „дел од нацистичката суровост за време на Втората светска војна“.