(ФОТО) На семафорите меѓу Стража и Гостивар се чека и до час и половина


Убавото време и продолжениот викенд го искористија повеќето од македонските граѓани. Дел од нив заминаа за Грција, но повеќето сепак го посетија Охрид, каде што денеска се одбележува 1.000-годишнината од основањето на Охридската архиепископија.

Но како што се ближи крајот на продолжениот викенд, така и се зголемува фреквенцијата на возила на македонските патишта. Па така, граѓаните на социјалните мрежи јавуваат за огромните метежи што настануваат на патот Стража-Гостивар на делниците каде што се реконструира коловозот.

„Од Стража до првиот семафор, кај изведувањето на градежните работи, се чека најмалку 1 час. И тоа во викенд напладне пред летната сезона. Колку ли долго ќе се чека за време на викендите во јули, ако некој не освести и не ја забрза на работата на патот?“, прашува еден корисник на социјалната мрежа Фејсбук, додека други велат дека на истото место чекале дури час и половина.