Филипче ќе ги убедува родителите дека вакцините се квалитетни

Министерството за здравство нема да бара вакцинирањето да биде услов за упис во училиштата, потврди вчера Гоце Чакаровски, заменик-министер за здравство, по бурата во јавноста што ја предизвика министерот Венко Филипче откако најави дека од септември, вакцината ќе биде услов за упис во градинка и во училиште.

Тоа предизвика паника кај родителите бидејќи идната недела почнуваат уписите за новите првачиња. Дел од родителите одбиваат да ги вакцинираат децата за што плаќаат казни што се движат од 300 евра до 650 евра. Во паника се и здравствените власти, бидејќи поради антивакциналното движење во Македонија опфатот на вакцинација падна од 95 отсто, колку што е препораката на СЗО, на 91 отсто, со што се смета дека се загрозува колективниот имунитет.

– Министерството за здравство во изминатиот период ниту работело ниту ќе работи во скратување на правата, а посебно на правата на децата, односно правата на децата за кои одлучуваат родителите. Наша работа е да ги увериме дека вакцинирањето на детето е позитивна работа – изјави Чакаровски.

Училиштата различно ја толкуваат потврдата за вакцинација

Според Законот за заштита на населението од заразни заболувања, имунизацијата во Македонија е задолжителна. Во спротивно, Државниот санитарен и здравствен инспекторат покренува прекршочни пријави против родителите што не ги вакцинирале децата, а судовите одредуваат парични казни. Но, според Законот за основно образование, пак, образованието исто така е задолжително. Во овој Закон е наведено и дека кога детето во мај се запишува во училиште треба да приложи и потврда дека е вакцинирано.

Таа потврда различно се толкува во училиштата и во градинките. Родители од групата „Здравје низ игла не влегува“, кои се противници на вакцините, сведочат за различни искуства – некаде не ја ни гледаат потврдата, некаде ги убедувале дека дете без вакцина не може да се запише.

– За упис бараат картон за вакцинација, потврда од стоматолог и извод од книгата на родени. Обично, матичниот доктор треба да издаде потврда дека детето е вакцинирано. Јас при упис во училиште однесов само копија од страната во здравствената книшка, каде што треба да стојат вакцините, и страницата е празна. Никој не ми направи проблем. Но, во друго училиште, кога родител се обиде да запише дете со празен вакцинален картон, бил убедуван дека нема упис додека детето не ги прими вакцините – сведочи родител од групата.

Родителите најмногу се револитирани поради тоа што, како што велат, државата ги уценува со вакцините, а ниту еден лекар не им потпишува гаранција дека тој презема одговорност доколку вакцината предизвика последици кај детето.

Инспекторите лани поднеле 117 прекршочни пријави

Државниот санитарен и здравствен инспекторат за минатата година поднел 117 прекршочни пријави против родители што одбиле да ги вакцинираат децата, потврди за „Независен весник“ директорката на Инспекторатот, Ирина Сотирова Бухова. Од нив, 15 пријави се за родители кои одбиле да ја стават вакцината против ХПВ за девојчиња, а 102 пријави за родители кои не вакцинирале со останатите вакцини од календарот за имунизација. Во првите три месеци од годинава, Инспекторатот поднел 35 пријави – пет за непримена вакцина против ХПВ и 30 пријави за останатите вакцини.

Родители избираат да ја платат казната, а детето останува невакцинирано.

– Постапката е таква што добиваш покана на суд. Според мене, подобро е да се појавиш на суд отколку да се правиш дека не си ја примил поканата. Одиш, му кажуваш на судијата дека нема да вакцинираш, објаснуваш дека тоа е твоја одлука како родител кој сака да си го заштити детето, ти одредува казна, ја плаќаш и приказната завршува. Јас сметам дека здравјето на моето дете е поважно од џебот. Ако државата смета дека го решила проблемот со тоа што ќе ѝ платиме казна, јас тие околу 20.000 денари сум согласен да ги дадам. Вакцини не ставам – вели мајка од Скопје која ги одбива вакцините.

Низ судовите низ цела држава има случаи каде што е пресудена парична казна за родители по оваа основа.

Кампањи за (раз)убедување

Државата ќе спроведе кампања за да ги убеди скептиците дека вакцините се квалитетни, безбедни и потребни за да се зачува колективниот имунитет со цел да не се вратат болести од минатото за кои имунолозите сметаат дека се искорнати со вакцините. Такви се морбилите, за кои во Србија има епидемија, детска парализа, дифтерија, тетанус…

– Ќе ги убедиме родителите дека ќе увеземе најквалитетни вакцини. Ќе работиме на тоа на родителите кои се скептични да им укажеме дека кај нив не треба да постои страв дека вакцините се небезбедни – вели Чакаровски.

Од пред три години во Македонија почнаа да се употребуваат поливалентни вакцини. Наместо 13 пати, како претходно, децата се боцкаат по седум пати. За една година од употребата беа пријавени седум несакани реакции. Со претходните вакцини, годишно се регистрираа по 100-120 несакани реакции во вид на болка, осип, зголемена температура … Здравствените власти тврдат дека не се забележани посериозни реакции или смртни случаи.

Во последните три години постојано опаѓа опфатот на вакцинирани деца. Најдрастичен е падот минатата година, кога биле вакцинирани 91 отсто од децата. За вакцината против мали сипаници опфатот изнесува 82 отсто. Големо е противењето е за вакцината против ХПВ, кој предизвикува рак на грлото на матката. Просечно годишно ја примаат едвај половина од девојчињата на возраст до 12 години, и покрај тоа што е задолжителна.

Сунчица С.Зоксимовска