Филипче: Се бара локација за нова струшка болница


За време на денешната посета на охридската болница, министерот за здравство, Венко Филипче, рече дека во струшката болница нема услови за современи здравствени услуги и оти во моментов се разгледува моделот според кој би била изградена новата болница, која се планира да се гради на излез од градот кон граничниот премин Ќафасан.
Постојната локација на здравствената установа не ги исполнува потребните инфраструктурни услови, така што ќе биде потребно определување нова локација, за што се водат разговори со локалната самоуправа. Што се однесува на моделот на финансирање, тој истакна дека дополнително ќе биде утврдено дали ќе биде по пат на кредит, заем или преку приватно-јавно партнерство.
Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска беше во работна посета на Општата болница во Охрид, каде во употреба беше предадено специјално возило за транспорт на пациенти, донација на компанијата „Руски транс“ реализирана преку соработка со „СОС Балкан медиа“.
Во изјавата за медиумите Филипче најави дека посетата на болницата ќе биде искористена за средби со раководството на Општата болница, разговори за постепеното раздолжување на установата, за изградбата на новата поликлиника, како и околу имплементирањето на пилот-проектите за полесен пристап на пациентите до поквалитетни и подостапни здравствени услуги. Ќе се разговара и за потребите на установата, со каква апаратура располага, што треба да се набави од опрема.
– Планираме набавка на опрема за повеќе болници во државата, што ќе се реализира согласно потребите на регионите, утврдени преку т.н. економска анализа на медицинска технологија. Тоа значи дека за потребите на пациентите од регионот опремата ќе се распоредува во болниците во Охрид, Струга и во болницата „Свети Еразмо“, чија реконструкција предвидува целосно нова опрема. Апаратите од таа болница, како и апаратите во болниците во Охрид и Струга ќе бидат насочени за задоволување на здравствените потреби на населението од тој дел на државата, појасни министерот Филипче.
За локацијата на новата поликлиника дополнително ќе биде разговарано со локалната власт, дали ќе се обновува старата Маларична или објектот ќе се гради во рамки на кругот на Општата болница.