Фестивал „Здраво млади“: Во продажба другарски билети
Фестивалот „Здраво млади“ во организација на Младинскиот културен центар од Скопје пушта во продажба и другарски билети. Станува збор за понуда која изнесува 2.000 денари, а вклучува четири билети и еден гратис. Понудата важи од денеска, па сè до 24 август. Овие пакети се ограничени со бројка од 50 и може да се набават на билетарницата на МКЦ и онлајн преку „МК тикетс“.
Осмото издание на фестивалот годинава се одржува на 1 септември и ќе настапат изведувачи од САД, Англија, Ирска, и Србија, а од Македонија учесници ќе бидат Палиндром, Donplaya X Bon Praskiza, Druggy и Ogie x Petr. На еднодневниот фестивал ќе има и пладневна програма за најмладите со настап на „5+ бенд“.
Токму на овој фестивал ќе биде и премиерната изведба на претставата „Црнила ремикс“ по идеја и режија на Јордан Симонов.
„’Црнила ремикс’ е едно поразлично видување на класичното драмско дело на Коле Чашуле ставено во контекст на урбан хип-хоп албум. Музичко-драмски перформанс со несекојдневен пристап, со специфична актерска изведба, кој низ оригиналните препев и музика на ‘Зад аголот’ не носи во еден нов сублимат помеѓу драмата и хип-хоп супкултурата“, соопшти МКЦ.