Федерер: Не размислувам за Игрите во Токио


Швајцарскиот тенисер Роже Федерер за специјализираното германско издание „Тениски магазин“ наведува дека не планира наскоро да стави крај на кариерата, но исто така не прави ни долгорочни професионални планови.

Федерер по елиминацијата во второто коло на Мастерсот во Мајами во понеделник првото место ќе му го препушти на шпанскиот тенисер Рафаел Надал.

Швајцарецот, по поразот од австралискиот тенисер Танаси Кокинакис, соопшти дека ќе ја прескокне целата сезона на земјена подлога, како и дека не може да размислува дали ќе игра во следните неколку години, вклучително и на Олимписките игри во Токио во 2020 година.

– Не се оптоварувам со тоа. Олимписките игри се дури за две години, зошто би размислувал толку далеку, истакна 36-годишниот тенисер.

Федерер потенцира дека Токио во моментов не е негова цел и дека досега освоил две медали и двапати го носел знамето на својата земја на Игрите.

Тој во 2012 година на Олипијадата во Лондон во финалето беше поразен од Енди Мари, додека четири години порано во Пекинг го освои златниот медал во двојки заедно со Стен Вавринка.