Зверев го освои вториот гренд слем годинава. Во финалото на УС Опен Шелтон немаше шанси

Германецот лесно го победи младиот Американец во четири сета и перфектно ги искористи проблемите со повредите на двата најдобри играчи


Александар Зверев со пехарот за освоениот УС Опен (Фото: ЕПА)

 

Откако ја започна сезоната очајнички трагајќи по својата прва голема титула, Зверев стана само четвртиот маж во „Опен ерата“ – по Џими Конорс, Гиљермо Вилас и Јаник Синер – кој ги освоил своите први две гранд слем титули во истата сезона. Тој ги урна надежите на Бен Шелтон да стане првиот црн Американец по Артур Еш (1968) и првиот Американец по Енди Родик (2003) што го освоил УС Опен.

Можеби најважниот детаљ во ова ривалство е меѓусебниот скор. Зверев сега води со 6-0 против Шелтон; тоа е дуел што му одговара на Германецот, кој сервираше многу подобро од Шелтон, беше многу постабилен во играта од основната линија и, како и обично, со квалитетот на својот врвен дворачен бекхенд го неутрализираше форхендот на леворакиот противник.

Во меч меѓу двајца од најдобрите сервери, првата задача за обајцата играчи беше да го одбранат својот сервис. Видливо напнатиот Шелтон сервираше катастрофално во одлучувачките моменти од првиот сет, правејќи двојна сервис-грешка при брејк-топка уште во првиот гем од мечот. Потоа, Шелтон направи двојна грешка и при сет-топка, со што му подари втор брејк на противникот. Тој не можеше да му парира на Зверев во играта од основната линија, а неговиот форхенд беше премногу нестабилен. Од друга страна, Зверев сервираше исклучително добро во текот на целиот меч, реализирајќи 69% од првите сервиси и освојувајќи 85% од поените на прв сервис.

Шелтон успеа да воспостави ритам на свој сервис во вториот сет и да го притисне Зверев изнудувајќи тај-брејк, но Германецот одлично се справи со најважниот момент од мечот. Тој го освои првиот мини-брејк со одличен „винер“ од форхенд-пасинг-шот, искористувајќи го неодлучниот излез на мрежа на Шелтон, а потоа, по една слично напната размена на удари, го освои и вториот мини-брејк со моќен форхенд по линијата. По два силни сервиси на кои противникот не успеа да возврати, Зверев поведе со 5-0 во тај-брејкот, со што сетот практично беше решен.

Иако Шелтон вложи голем напор за да изнуди четврти сет, на Зверев не му требаше многу време за да ја потврди победата, која изгледаше неизбежна уште од првиот гем.

Овој меч беше соодветен крај на една бледа сезона на гренд слем турнирите во АТП-турнејата, сезона обележана со повредите и физичките проблеми на Карлос Алкараз – кој на овој турнир се врати по долга пауза поради повреда – и на Јаник Синер. Нивните проблеми им пружија златна можност на многу играчи од врвот да се наметнат и да се борат за големите титули, но во изминатите пет месеци, малкумина од нив воопшто успеаја да се вклучат во сериозна трка за трофеите. Зверев беше награден за својата константност и способноста постојано да се доведува во поволни позиции во завршните фази на грен слем турнирите. Секоја победа очигледно го зајакнуваше и на ментален план.

Сепак, за многубројни љубители на тенисот и гледачи ширум светот, никаков успех на теренот не може да ја избрише непријатноста што ја чувствуваат гледајќи ги успесите на Зверев. Две од неговите поранешни девојки, Оља Шарипова и Бренда Патеа, го обвинија за физичко малтретирање. Во јуни 2024 година, додека се натпреваруваше на патот кон финалето на Ролан Гарос, Зверев постигна спогодба во судскиот случај во Германија, во кој беше обвинет за наводно туркање и давење на Патеа – неговата поранешна девојка и мајка на нивната ќерка. Случајот заврши без пресуда, а портпаролот на судот изјави: „Вистината останува отворена“. Зверев ги негираше тие обвиненија, како и сите други наводи против него.