Турција го ослободи свештеникот Брансон по две години куќен притвор


Турција– Турската влада денеска соопшти дека надворешниот притисок не е причина за одлуката на судот да го ослободи американскиот свештеник Ендру Брансон од домашен притвор.

– Ниту една турска институција, особено нашиот претседател, не подлегнаа на сите закани, притисоци и скандалозни изјави, изјави Јомер Челик, портпарол на владејачката Партија за правда и развој.

Случајот со американскиот свештеник суден во Турција, обвинет за тероризам и шпионажа, е и причина за дипломатската криза помеѓу Анкара и Вашингтон.

Брансон беше уапсен во декември 2016 година.

Тој денеска ќе пристигне со авион во воeна база близу Вашингтон и најверојатно ќе ја посети Белата куќа.

– Мило ми е што е враќа. Тој многу страдаше и многу сме благодарни на голем број луѓе, изјави Трамп.

Запрашан дали ќе ги укине санкциите кон Турција, воведени поради апсењето на Брансон, Трамп рече дека немало никаков договор со Турција во врска со пуштањето на Брансон и укинувањето на санкциите.

Весникот „Вашингтон тајмс“ објави дека Вашингтон и Анкара постигнале договор за ослободување на американскиот пастор Ендрју Брансон, кој е обвинет за тероризам во Турција, во замена за укинување на американските санкции кон Анкара.

За Турција, уапсениот американски свештеник е шпион кој се обидел да ја собори Владата за време на обидот за државен удар од 2016 година. Но, за американските официјални лица, Брaнсон е невин христијански семеен човек, кој е погрешно задржан.

Брансон (50) е роден во Северна Каролина и евангелистички презвитериjански свештеник кој работел во Измир, каде што бил пастoр во црквата Воскресение. Тој живее во Турција повеќе од 23 години, со сопругата и трите деца.

Во октомври 2016 година, неколку месеци по неуспешниот обид за државен удар во Турција, Брансон беше уапсен и обвинет за заговор за соборување на турската влада. Во март беше формално обвинет за шпионажа и врски со терористички организации. Обвиненијата против Брансон вклучуваа поддршка на забранетата Курдистанска работничка партија, како и Движењето на Ѓулен, за кое Турција вели дека го организирал обидот за државен удар. Тој ги негираше обвинувањата.

Брансон беше главна причина за дипломатскиот спор меѓу САД и Турција, поради што САД воведоа санкции и замрзнаа имот на двајца турски министри, но и зголеми царини за увоз на челик и алуминиум од Турција. Турција одговори со воведување двојно повисоки царини за производи од САД.