Трамп шутна уште еден близок соработник

Претседателот на САД, Доналд Трамп, објави дека Мајк Помпео, сегашниот директор на ЦИА, ќе биде новиот државен секретар, заменувајќи го Рекс Тилерсон кој го завршува својот краток, но бурен мандат како главен дипломат на нацијата. Тилерсон постојано се наоѓаше во судир со претседателот за најразлични прашања од надворешната политика.
Висок функционер од администрацијата изјави дека Трамп ја донел одлуката за смена на Тилерсон за да состави нов тим пред претстојните разговори со Ким Јонг-ун, севернокорејскиот лидер со кој планира да се состане во мај. Трамп изјави дека ќе го замени Помпео со заменик-директорот на ЦИА, Џина Хаспел, со што таа ќе биде првата жена што ја предводи разузнавачката агенција. И за неа и за Помпео се чека потврда од Сенатот за да можат да почнат да работат на овие функции.

Тилерсон со месеци беше во немилост кај Трамп, но одбиваше да биде истуркан од позицијата и се колнеше дека ќе остане на работното место. Но неговото оддалечување од внатрешниот круг на Трамп стана јасно минатата седмица, кога претседателот ја прифати поканата да се сретне со Ким, што беше изненадување за Тилерсон, кој во тоа време патуваше за Африка.
Во објавата Трамп се фокусираше повеќе на Помпео отколку на објаснување на неговата одлука за Тилерсон.

„Како директор на ЦИА, Мајк ја заработи почитта на членовите од двете партии преку зајакнување на нашиот разузнавачки тим, модернизирање на нашите дефанзивни и офанзивни способности и градење блиски врски со нашите пријатели и сојузници во меѓународната разузнавачка заедница“, рече тој во писмена изјава пренесена од Белата куќа.

Тилерсон, поранешен главен извршен директор на нафтениот гигант „Ексон мобил“, некогаш се сметаше за интригантен, иако необичен избор на владата. Тој има големо искуство со моќниците од Блискиот Исток и го знае претседателот Владимир Путин од Русија преку екстензивните напори на „Ексон“ за истражување на нафтата во Русија. Но почетниот ентузијазам дека ќе внесе деловна сензибилност во Стејт департментот брзо се исцрпи бидејќи Тилерсон изгледаше преоптоварен од дипломатските предизвици пред него и изолиран од странските службеници, кои честопати самиот ги исклучувал од најважните дебати.

Дипломатите ветерани, кои во Тилерсон видоа човек со висок ранг, искуство и големо богатство и за кого се надеваа дека претседателот ќе го почитува и слуша, на крајот се свртеа против него, откако тој изрази поголем интерес за намалување на одделот отколку за ширење на американското влијание.
Додека останатите функционери ги постигнаа своите цели, Тилерсон никогаш не постави јасни дипломатски приоритети, освен да го следи слоганот „Америка на прво место“ на претседателот Трамп, термин што тој никогаш не го дефинирал. Во едно чудно признание пред повеќе од осум месеци од неговиот мандат, Тилерсон им кажал на вработените дека неговиот главен приоритет е да го направи Стејт департментот поефикасен. Сепак, тој никогаш целосно не се осврна на тоа што дипломатите треба да прават со таа поголема ефикасност. Конгресот исто така се спротивстави одбивајќи да ги поддржи неговите предложени намалувања за 30 отсто од буџетот на Стејт департментот. Но пораките за време на неговиот мандат изгледаа јасни: во момент кога парите се слеваа во Пентагон и во разузнавачките агенции, дипломатијата се чинеше помалку вредна отколку во кое било време во поновата американска историја. Пресвртна точка во неговиот мандат беше сепак кога „Ен-би-си њуз“ објави дека Тилерсон го нарекол претседателот морон, по што беше приморан да одржи прес-конференција за да ја потврди неговата поддршка кон Трамп и да ја убеди јавноста дека никогаш не помислил на оставка.
За време на посетата на Пекинг минатото лето, Тилерсон им изјави на новинарите дека веќе имал кратки разговори со Северна Кореја за да ја започне комуникацијата со САД. Веќе следното утро, Трамп избувна и ги деградираше неговите напори на Твитер, велејќи дека Тилерсон губи време што се обидува да преговара со малиот ракетен човек.
Со оваа оставка Тилерсон се приклучи кон долгата листа на назначени лица од администрацијата на Трамп кои заминаа или беа отпуштени, вклучувајќи го и првиот советник за национална безбедност на претседателот, шефот на кабинет, главниот стратег, секретарот за медиуми и секретарот за здравствени и човечки служби.
Тилерсон имаше некои успеси, вклучувајќи ја и зголемената меѓународна изолација на Северна Кореја и подобрените односи меѓу Саудиска Арабија и Ирак. Но тој најверојатно ќе биде запаметен како еден од најнеуспешните државни секретари во историјата, а една од поголемите причини за тоа е неговото лошо снаоѓање во односите со Трамп. (Њујорк тајмс)