Тепањето ученичка во дворот на неготинското училиште, прв ваков случај, тврди психологот Кабранова
Тепањето ученичка во дворот на неготинското училиште од страна на други две ученички, кое всушност се најде и во видео на интернет, е прв ваков случај во ОУ „Гоце Делчев”, вели психологот Елена Кабранова.
Таа појасни дека помладите генерации главно имаат малку попроблематично однесување и помала дисциплина, споредено со тоа на нивните врсници од минатото. Полесно доаѓаат во конфликти, почесто знаат да навредуваат и да не почитуваат. Агресивноста кај некои од децата, вели, е поради бројни причини.
– Но, физичко насилство во ваков обем досега немаме регистрирано. Главно се се сведувало на вербално насилство, тоа го покажуваат и нашите истражувања кои ги правиме секоја година, нагласи Кабранова.
За случајот ги известиле и Центарот за социјални работи и полицијата. Тепачката била случајна, за тинејџерска љубов и трите девојчиња кои претходно биле другарки, се смириле и се каеле.
Портпаролот на СВР Велес, Верољуб Додевски рече дека за понеделник на полициски распит се повикани сите инволвирани, со цел расветлување на случајот со тепачката.