Сопственикот на менувачницата бил нападнат и пред неколку години


Педесет и осумгодишниот Г.А., сопственик на менувачницата во која вчера попладне се случи инцидент, бил нападнат и пред неколку години. Како што дознаваме, тогаш го нападнале неколку лица за да му ги одземат парите и го раниле.

Според полициските информации разбојништвото , се случило на булеварот „Борис Трајковски“ во Скопје, а мигови подоцна и двојното убиство. Двете маскирани и вооружени лица влегле во менувачницата и со удари од кундак му се заканувале на Г.А. да им ги даде парите. Во тој момент Г.А. извадил пиштол и пукал во нив.

– Прво настанала физичка пресметка со сопственикот на менувачницата, по што тој посегнал по пиштол и пукал во правец на напаѓачите кои починале на местото на настанот, информираше МВР.

Инцидентот бил пријавен во 16.35 часот во единицата за известување и команда. Полициски екипи од СВР Скопје веднаш по дојавата излегле на местото на настанот каде што во присуство и надлежност на дежурен јавен обвинител е извршен увид.
Г.А. се здобил со повреди на главата и му била пружена медицинска помош, по што полицијата му земала изјава за настанот.

Од МВР соопштија дека СВР Скопје во соработка и координација со дежурен јавен обвинител работи на расчистување на случајот и по неговото целосно документирање јавноста ќе биде информирана.