Скопје е екстремно загадено, Лисиче се загуши


Воздухот во Скопје и во двата дена од новата година е загаден. Највисоките вредности на ПМ10 честичките се измерени во Лисиче – 629 микрограми на метар кубен.

Новата година почнала со вредности од 152 во Центар, 221 кај Ректорат, 241 во Гази Баба, 245 во Карпош до 473 микрограми на метар кубен во Лисиче.

Во Центар на 1 јануари концентрациите се движеле од 101 до 352, во Гази Баба од 110 до 418, во Карпош од 107 до 447, во Лисиче од 161 до 556 и кај Ректорат од 125 до 415 микрограми на метар кубен.

Во текот на ноќта загадувањето исто така било високо. Мерните станици покажуваат концентрации во Центар од 96 до 205, Гази Баба од 113 до 522, Карпош од 97 до 349, Лисиче од 206 до 629 и кај Ректорат 167 до 468 микрограми.

Во случај на надминување на прагот на информирање за суспендирани честички PM10 во два последователни дена со среднодневни концентрации над 100 микрограми на метар кубен се препорачува да се користи јавниот превоз, возилата да не се користат без поголема потреба, повеќе лица да се возат со едно возило во исто време, да не се користи за затоплување на простории прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, парчиња гума и било каков синтетички материјал и правилно да се користат печките за дрва.

Се препорачува и ограничени движења и активности на отворен простор на најранливата популација деца, стари лица, болни од хоронични болести на белодробниот и срцевиот садовен систем, со посебен ризик за болните од бeлодробна астма, но и за лицата кои својот професионален ангажман го обавуваат на отворен простор во загадените зони на градот.
Мерки за заштита од загадувањето прогласуваат Владата и Градот Скопје кога во два последователни дена ќе се измерат концентрации над 200 микрограми на најмалку две мерни станици.

Поради загадувањето минатата недела Владата и Градот Скопје ги активираа итните мерки против загадување кои траат до намалување на загадување.