Свечена академија по повод 1000 години од основањето на Охридската архипеископија
Централната свеченост во рамки на манифестациите по повод одбележувањето на Илјадагодишнината од основањето на Охридската архиепископија ќе се одржи вечерва од 18:30 часот во катералната црква „Света Софија“ во Охрид.
На Свечената академија по повод значајниот јубилеј е предвидено обраќања да имаат поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија г.г. Стефан, митрополитот на Дебарско-кичевската епархија владиката Тимотеј, претседателот на државата Ѓорѓе Иванов како и премиерот Зоран Заев.
Свеченоста ќе биде збогатена со пригоден концерт на Камерниот оркестар на Филхармонијата во чии рамки ќе настапат и хоровите од братствата на манастирите „Рајчица“ и „Свети Јован Бигорски“, под дирегентска палка на маестро Борјан Цанев. На програмата се преработки и аранжмани на композиции со тематика од македонските тропари.
Во рамки на манифестацијата во галеријата на „Света Софија“ ќе биде отворена и изложба на уметнички портети на македонските архиепископи.
Одбележувањето на милениумското постоење на Охридската архипеископија почна синоќа со концертот на женскиот црковен камерен хор „Света Злата Мегленска“ во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид.
Чествувањето на јубилејот продолжува утре со празнична златоуста литургија од 9:00 часот во „Света Софија“ со која ќе чиноначалствува архиепископот Стефан во сослужение на членовите на Светиот синод на МПЦ. Се очекува на литургијата да присуствуваат и претставници на највисокото државно раководство.
Милиениумското опстојување на Охридската архиепископија, како еден од најзначајните јубилеи за македонската држава и народ, ќе биде одбележано со бројни културни, научни, академски, образовни и спортски настани, организирани на локално, но и на највисоко државно ниво.
Активностите се распределени да се одржуваат се до крајот на календарската година, во чии рамки се предвидени ликовни колонии, промоција на научни дела, поштенски марки, монети, училишни конкурси, издавање значајни публикации, организирање научни академски собири, па и спортски активности осмислени да го привлечат вниманието на пошироката јавност.