Роналдињо влегува во политика

Легендарниот бразилски фудбалер Роналдињо ќе влезе во политиката, објавија медиумите во јужноамериканската земја. Светскиот шампион со „Селесао“ за 2002 година, изјави дека „сака да му даде нешто на општеството“ и од таа причина го напушта фудбалот и влегува во политиката.

Поранешниот играч на Барселона веќе е официјален член на Бразилската републиканска партија (БРП). Триесет и осум годишниот поранешен фудбалер ќе може да учествува на изборите во земјата во октомври, но се уште не одлучил дали да се кандидира за место во Сенатот или во Домот на пратениците.

– Среќен сум што можам да учествувам во проектот, чија цел е да се подобри и модернизира нашата земја и да донесе радост на целото население, рече Роналдињо при приемот во партијата.

Од 2006 година Роналдињо работи на програми на УНИЦЕФ, а неговиот евентуален избор може да го направи вториот славен бразилски фудбалер во последните години, кој зазема висока политичка позиција. Во 2011 година, Ромарио влезе во политиката и сега го претставува Рио како сенатор.