Регионот на нозе – Вучиќ пак зборува за „македонски сценарија“

Неколку дена пред календарскиот пречек повторно се споменува нова – „балканска пролет“. Во неколку земји од регионот паралелно се одржуваат жестоки протести. Напнато е во Белград, во Подгорица, во Тирана. Протестите се сè помасовни. Се бара промена на власта, а таа обвинува дека тоа сака да се изведе по насилен пат.

Протестите „1 од 5 милиони“ ширум Србија се организираат веќе 14 недели, а викендов кулминираа со упадот на демонстранти во РТС, барајќи да се врати телевизијата на народот, бидејќи националниот сервис не известува за протестите. Тие вчера формираа обрач околу зградата на Претседателството на Србија, каде што шефот на државата Александар Вучиќ одржа прес-конференција на која им порача дека нема да се толерира никакво насилство и никакви ,,македонски сценарија“ во Србија. Сакајќи да покаже дека е човек опериран од страв, што неколкупати го повтори во својот говор, тој за време на протестот на Твитер објави фотографија како игра шах со својот партиски колега, министерот за полиција Небојша Стефановиќ.

Одговарајќи на новинарски прашања, Вучиќ ги спомена предводниците на протестите како големи пријатели на македонскиот премиер Зоран Заев. Во многубројните паралели ја спомена и затворската казна на поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков и двојните аршини на западните амбасади.

„Интересно е како кај нас имаат двојни аршини. За оние што не го слушнаа, прашањето беше: Како е можно западните амбасадори да не го осудат упадот во РТС, а во иста секунда ги осудија оние што упаднаа во македонскиот парламент? Големите пријатели на Зоран Заев, тајкуните Ѓилас и Јеремиќ, се пофалија како го осудија министерот за внатрешни работи Чавков на 18 години затвор, затоа што не ги спречил граѓаните да влезат во парламентот. По тој принцип, ние можеби би можеле да размислуваме за одговорност на министерот за внатрешни работи Небојша Стефановиќ, затоа што ги пушти фашистот (Бошко) Обрадовиќ и тајкунот (Драган) Ѓилас да влезат внатре. Сметам дека министерот мислел дека има работа со одговорни луѓе и такво нешто нема да им падне на памет. Што се однесува до западните амбасади, јас ја очекувам поддршката од мојот народ. Западните амбасади нека си ја работат својата работа, тоа не ме интересира“, рече Вучиќ.

„Македонското сценарио“ беше интензивно застапено и во говорот на Стефановиќ на итната прес-конференција ноќта за време на упадот во РТС.

Експертската јавност не е изненадена од најновите обиди на српските политички првенци за детекција на внатрешните, но и надворешните непријатели кои, според нив, играат во ист тим против Србија.

„Вучиќ и неговата структура подолго време ја споменуваат Македонија во негативен контекст. Уште од периодот кога тука се одржуваа протестите против претходната власт, што претставуваше активно мешање во внатрешните работи на земјата“, потсетува професорот Александар Спасов.

Според него, како што расте притисокот врз Вучиќ така тој сè повеќе ќе се потпира на мантрата за внатрешни и надворешни непријатели.

„Скопје, со помош на медиумите блиски до српската власта, тука пред сè мислам на конгломератот Пинк, како и на печатените медиуми ‘Информер’, ‘Ало’ и други таблоиди, е прогласено за Будимпешта од 1990-ти години, кога ‘Отпор’ и демократската опозиција организираа протести против Слободан Милошевиќ. Сега Скопје е посочено како центар на т.н. разузнавачки антисрпски активности“, вели Спасов.

Власта во Србија, Спасов ја оценува како автократска, но истовремено не гледа доволна идеолошка хомогеност меѓу партиите од опозицискиот спектар што може да претставува голем хендикеп во борбата за промена.

„Србија е земја за која не може да се каже дека демократските институции функционираат. Кај опозицијата недостигаат платформа и лидерство. Тие се против Вучиќ, но немаат јасна визија што да прават понатаму. Тоа се должи на фактот што во Сојузот за Србија партиципираат партии со сосема различна идеолошка компонента. Од Демократската партија и движењата што излегоа од неа, до Бошко Обрадовиќ и неговото движење Двери, кое е крајно десно ориентирано. Тоа создава огромен проблем во однос на артикулација на сериозна политичка платформа, околу која би се обединеле граѓаните. Сепак, незадоволството кај граѓаните очигледно расте. Протестите не ја губат силата и тоа го плаши Вуќиќ, кому не му е драго што Македонија успешно го изодува патот кон полноправно членство во НАТО. Решавањето на долгогодишниот спор со Грција, пак, му создава дополнителен притисок во насока на решение на косовското прашање“, вели Спасов.

Идеолошкиот јаз беше причина што и многу видни јавни личности не излегоа викендов на улиците на Белград. Актерката Бојана Малјевиќ се огласи на Твитер по низата навреди што ги доби по изјавата во која порача дека со лидерот на Двери, Бошко Обрадовиќ, не сака да оди на РТС и дека не сака слободата да ја освојува со фашисти.

„Ме нападнаа полошо од ботовите на СНС. Синоќа не отидов пред РТС и драго ми е. Од ова корист ќе имаат само Вучиќ и Бошко, но не и незадоволните граѓани“, изјави Малјевиќ.

 

Што се случува во Подгорица

 

На сите протести во регионот заедничко им е што се протестира против власта, но демонстрантите не секогаш ги води опозицијата. Во Подгорица се одржа петтиот граѓански протест од кој беше порачано дека власта ја приватизирала државата и повторно беа побарани оставки од највисоките функционери.

Организаторите на протестот „97.000 – спротивстави се“ велат дека ниту еден опозициски водач не е во нивниот тим. Повод за нивното собирање беше аферата „Коверт“. Таа е врзана за снимката во која се гледа како генералниот секретар на Претседателството на Црна Гора, Славољуб Стиеповиќ, зема коверт, наводно полн со пари, од сопственикот на „Атлас груп“, познатиот бизнисмен Душко Кнежевиќ.

Парите, наводно, биле наменети за купување гласови на изборите, а сè по налог на Мило Ѓукановиќ, тврдат организаторите. По некогашниот близок пријател на Ѓукановиќ, Кнежевиќ, кој постојано објавува компромитирачки материјали за шефот на државата, распишана е меѓународна потерница, а обвинителството поведе постапка за кривично дело перење пари и создавање криминална организација.

„Во тој коверт имаше 97.500 евра, а сметаме дека има толку причини во 30-годишното владеење на Демократската партија на социјалистите за граѓаните конечно да го кренат гласот и да се обединат против корумпираната власт“, велат организаторите.

Ѓукановиќ тврди дека протестите не се граѓански туку политички и дека зад нив стојат опозициските партии, со политички идеи. Ѓукановиќ во емисијата „Интервју“ на ТВЦГ повтори дека нема да поднесе оставка, што е едно од барањата на демонстрантите.

„Тука граѓанскиот карактер на протестите би требало да го донесе тоа што формално лидерите на протестите не се лидери на политички партии, туку луѓе што до вчера биле припадници на разни партии. Политиката што ни е спротивставена не е политика што може да победи. Тие не можат да победат на избори, затоа креираат афери“, вели Ѓукановиќ. Тој најави тужба против подгоричкиот весник „Вијести“, кој во завчерашното издание имаше интервју со Кнежевиќ, за кого не порекнува дека му бил еден од донаторите.

Професорот Горан Иво Мариновиќ, кој се обрати на завчерашниот протест, смета дека црногорското општество е болно и оти поимите за почит, одговорност и професионализам го изгубиле значењето.

„Долго владеат со уцени и страв, со цел власта да ја пренесуваат од колено на колено. Кога ќе имаме слободни и фер избори, кога ќе имаме демократска промена на моќта, повеќе нема да имаме систем што е заснован на страв и потиснување на слободната мисла“, истакна професорот и додаде: „Тие се минато, ние сме Европа“, вели тој.

 

Опозицијата во Албанија не попушта

 

И опозицијата во Тирана протестира во серија и бара смена на власта и оставка од премиерот Еди Рама, но нејзината позиција донекаде е потресена со ставот на западните амбасади, кои ја предупредија дека нема право да ги спречува демократските процеси во земјата. Протестите во саботата излегоа од контрола и станаа насилни откако група демонстранти ја прескокна металната барикада пред зградата на парламентот и истовремено почнаа да фрлаат камења врз полицискиот кордон. „Поттикнување на насилство и уништување на јавните добра се противзаконски. Пратениците што се одрекоа од мандатот и обврските кон албанскиот народ треба да им овозможат на оние што сакаат да продолжат да ја извршуваат својата работа“, се наведува во соопштението на американската амбасада во Тирана. Лидерот на опозицијата, претседателот на Демократската партија Љуљзим Баша, одби да ги коментира критиките на Амбасадата на САД во Тирана наведувајќи дека не очекува дипломатите да застанат на чија било страна туку да ги поддржат демократските вредности.

„Слободни и фер избори, организиран криминал, борба против корупцијата и трговијата со дрога. Сето тоа е веќе наведено во извештајот на Стејт департментот за Албанија“, вели Баша.

Професорот Александар Спасов смета дека протестите во регионот, сепак, не може да се сведат под некаков поим „балканска пролет“ бидејќи не постои организациско и идеолошко копче кое директно ќе ги поврзе.

„Директна врска не постои како со Арапската пролет, каде што имавме и солидаризација меѓу граѓаните од една со оние во друга земја, како во случајот со Египет и Тунис. Но може да се каже дека постои индиректна поврзаност во однос на генералните причини за акумулираниот гнев и револт кај граѓаните. На луѓето, во суштина, им е преку глава од неправда. Корупцијата, очигледно, е огромен проблем во регионот, без оглед дали со земјата управуваат леви или десно ориентирани партии, дали тие се членки на НАТО и ЕУ или не се. Демократските институциите се нефункционални, а општествата се погодени и депримирани и од масовното иселување на населението. Впрочем, целиот континент се соочува со опаѓање на нивото на демократијата. На порастот на автократските тенденции влијае и фактот што Европа во моментов ја нема таа политичка и морална сила од пред две-три декади. Таа е преокупирана со своите внатрешни проблеми. Подзаборавениот регион повторно се врати на мапата со решавање на македонско-грчкиот спор“, вели Спасов.

Епилогот на бизарниот билатерален проблем од западните земји беше прогласен за најдобра вест.

„Тоа доволно говори за сегашната европска кондиција. Земјите се соочуваат со раст на национализмот и популизмот, со разни партии и движења кои во кризни времиња се обидуваат да ги инструментализираат стравовите на населението за свои цели. Да се надеваме дека секаде тоа ќе биде препознаено како празен популизам“, заклучува Спасов.

Александар Попов од новосадскиот Центар за регионализам, протестите во регионот ги нарекува „лик во огледало“.

„Заеднички именител на автократските режими се корупцијата, недостиг на владеење на правото, задушување на слободата на медиумите. Секаде гледате ист однос на власта на која ѝ одговара граѓаните да молчат, со образложение дека има големи државни теми, кои се поважни од нашите мали приказни и животи. Сепак, бранот не би го нарекол ‘балканска пролет’. Арапската пролет не беше пролет, туку самрак. Добивме милиони убиени и раселени, „Исламска држава“, мигрантска криза…“, вели тој.

Наум Котевски