Путин ги повика Русите да гласаат во недела

Рускиот претседател Владимир Путин денеска ги повика граѓаните на Русија в недела да гласаат на претседателските избори, за кои Кремљ стравува дека ќе бидат со мала избирачка активност.

– За кого да се гласа, како ќе биде искористено правото на слободен избор е лична одлука на секој човек. Но, ако одлучите да не донесете таква одлука, тој важен и одлучувачки избор ќе биде направен без да се регистрира вашето мислење, рече Путин во специјално обраќање кон гласачите емитувано на руската телевизија РТ.

– Убеден сум дека секој од нас е загрижен за судбината на нашата татковина. Затоа ви се обраќам, повикувајќи ве да одите в недела на избирачките места. Искористете го своето право, за да ја изберете и својата иднина, додаде тој.

Владимир Путин, кој повеќе од 18 години е на чело на Русија како претседател или премиер, се очекува, освен ако не се случи некое големо изненадување, на изборите в недела да освои четврти мандат и да остане шеф на државата до 2024 година.

Во споредба со него, другите седум кандидати за претседателската функција во пракса немаат никакви шанси. За кандидатот на Комунистичката партија на Руската Федерација, Павел Грудинин според анкетите планираат да гласаат околу седум до осум проценти од избирачите, за ултранационалистот Владимир Жириновски околу пет до шест проценти, за либералната новинарка Ксенија Собчак околу еден до два отсто, а останатите кандидати вкупно уживаат поддршка на околу еден процент од гласачите.

На главниот противник на Путин, Алексеј Навални му беше забрането да учествува на изборите поради судски процес кој заврши со обвинителна пресуда. Навални го нарече процесот режиран и ги повика руските граѓани да ги бојкотираат изборите.

Иако изгледа дека изборите веќе се решени, Кремљ стравува од ниска излезност, која ќе ја ослабне легитимноста на резултатот.