Премиера на Мама миа во МНТ: Над 40 луѓе на сцена


Повеќе од 40 актери, танчари, пејачи ќе бидат на сцена во мјузиклот „Мама Миа!“ на Македонскиот народен театар, в недела (24 декември). Претставата е во режија на Наташа Поплавска, која вели дека по успешниот мјузикл „Чикаго“, работењето на „Мама Миа!“ за неа доаѓа како подарок.

– Сметам дека со работата на Мама Миа! ќе продолжиме да го развиваме мјузиклот како жанр, но и да внесуваме и нови актери и да откриваме нови таленти преку мјузиклите. Оваа претстава е весела, емотивна и среќна и знам дека публиката ќе го обожава ова наше дело. Станува збор за гигантска продукција од 40 луѓе на сцена, уште 10 под сцена, уште 10 позади сцена и уште многу други кои публиката не ги гледа. Ако ги собереме сите, екипата ќе брои над 100 лица. Процесот на подготовка траеше интензивни два месеца и имавме одлична соработка. Незаменливо е чувството кога ќе пристигнев на пробите и ги затекнував актерите веќе на сцена во работна атмосфера – рече Поплавска.

Директорот на МНТ, Драган Спасов – Дац на денешната прес-конференција по повод премиерата на овој мјузикл, рече дека во изминативе неколку месеци низ целиот театар одекнувале хитовите на шведската група АББА, по чии песни е создаден овој мјузикл.

Мама миа! е работен по музика и текст на Бени Андерсон и Бјорн Улвеус, а текстот е на Кетрин Џонсон, по приказната на Џуди Крејмер.

Преку хитовите на АББА се раскажува комичната приказна за тинејџерка која е во потрага по нејзиниот вистински татко на еден грчки островски рај. Носечката улога на Софи Шеридан, девојката која е пред мажење и која е во потрага по нејзиниот прав татко, ја реализира младата актерка Нина Деан. Нејзината мајка Дона Шеридан ќе ја игра актерката Биљана Драгичевиќ – Пројковска, најдобрите пријателки на Дона ги играат актерките Арна Шијак, Тања Кочовска, додека улогите на татковците Сем, Бил и Хари ќе ги играат актерите: Кире Ѓоревски, Трајче Ѓоргиев и Владимир Јачев, а Никола Наковски ќе ја игра улогата на Скај, вереникот на Софи. Во поделбата на актерската екипа се и: Александра Павлова, Билјана Јовановска, Стефан Спасов, Александар Михајловски и Борјан Тетиев. Учествуваат и голем број на танчери и хористи, како и бенд во живо. Диригент е Бисера Чадловска, кореограф е Олга Панго, а асистент на кореографија Ирена Лозинска.

Сценографијата е на Александар Дениќ, костимограф е Роза Трајческа – Ристовска, инструктори за пеење и вокал се Ана Костадиновска и Сара Николовска, извршен продуцент Симона Угриновска, прво пијано и корепетитор на солисти и хорски ансамбл Билјана Петровска, дизајн и маркетинг супервизор Емил Петров, инспициент Вукица Александрова.

Препевот на македонски јазик го направи актерката Тина Трпковска, но сепак, песните ќе задржат нивната оригиналност. Проектот се реализира во копродукција помеѓу Македонски народен театар и Проспот д.о.о.

Како што информираше режисерката Поплавска, за оваа претстава направен е и втор кастинг на кој во улога на Софи е Јана Стојановска, во улога на Сем е Висар Вишка и во улогата на Скај ќе биде младиот Петар Стојанов.

По премиерната изведба следни изведби ќе бидат на 26, 28, 29 декември 2017 година и 12, 13 и 23 јануари 2018 година, сите ќе почнуваат од 20 часот.

 

И. Настеска

Фото: Б. Грданоски