Пред Нова година три убиства во Македонија


Три грозоморни убиства ги потресоа граѓаните пред новогодишните празници, во скопската населба Ѓорче Петров, во Прилеп и Кичево. Прва стигна веста за убиството во Ѓорче Петров каде што со прострелна рана на главата беше најден триесет и осумгодишниот скопјанец Ненад Добраниќ.

Безживотното тело беше најдено пред три дена, а до неговото тело било паркирано возило „пасат“, кое најверојатно го управувал убиениот. Според неофицијалните информации, Добраниќ го убил негов пријател за долг од 300 евра. Соседите и пријателите на убиениот Ненад велат дека тој добро се познавал со убиецот кој бил возач во едно од јавните претпријатија.

Телото на убиениот е предадено на обдукција, а едно лице беше приведено во полициска станица. Речиси во исто време кога беше најдено телото на Добраниќ убиство се случи и во Прилеп. Триесет и шестгодишниот прилепчанец Христијан Конески со нож ја убил својата триесет и тригодишна партнерка Евгенија Гелеска со која живееле во вонбрачна заедница. Убиството се случило во центарот на Прилеп во куќата на убиецот. Гелеска била прободена со нож неколку пати во градите пред очите на нејзиниот малолетен син кој и го пријавил убиството.

Според првичната информација од контролата со апарат за мерење на количеството алкохол, осомничениот во себе имал повеќе од два промила алкохол. Убиецот не го напуштил местото на настанот и веднаш бил уапсен. Според соседите, Конески и Гелеска биле во врска околу две години, Конески живеел со баба си, татко му бил починат, а мајка му била замината во Австралија.

Следниот ден, по овие две убиства, во Кичево со нож беше избоден сопственик на кафеаната „Гурман“. Убиството се случило по кратка вербална расправија со напаѓачот, но мотивите за убиството засега не се познати.