Почеток на крајот на спорот за името?

Аналитичарите оценуваат дека топката сега е префрлена во домашните средини на Македонија и Грција.

Проблемот за името влегува во нова фаза на преговори. Премиерот Зоран Заев од Самитот на ЕУ за Западен Балкан во Софија соопшти дека со грчкиот премиер Алексис Ципрас разгледале неколку опции од кои издвоиле една за која двете страни ќе се консултираат дома. Според Заев, предлозите дошле од македонската страна.

Дали последната изјава на Заев, всушност, е најава за почетокот на крајот на 27-годишниот спор за името со Грција? Аналитичарите се оптимисти дека Македонија навреме ќе го реши спорот за името и ќе ги заврши домашните задачи што и се дадени од Европската комисија.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски за „Независен весник“ оценува дека Македонија е во најдобрата можна позиција во преговорите во последните 25 години.

„Сега топката се префрла на домашните средини, во Македонија и во Грција, каде што политичките елити и средини треба да најдат сили или заеднички јазик да го прифатат компромисот, кој очигледно е прифатлив за двете страни. Имајќи предвид дека беа многу различни позициите и на Македонија и на Грција на почетокот на овие преговори, фактот што Заев и Ципрас се оптимисти, би требало да значи дека тоа решение може да биде достоинствено за двете страни. Што значи дека дома би требало да биде прифатливо доколку се изгради политички консензус. Сепак, ова прашање стана важно прашање за домашната агенда, така што може да излезе чин за поткусурување за дневно- политички поени, па сите опции се отворени. Меѓутоа, ова е секако подобра ситуација отколку која било што сме ја имале во последните 25 години“, вели Арсовски.
Сепак, ако опцијата за која е постигнат договор меѓу премиерите на двете држави не биде прифатлива од страна на домашните институции и партии, Арсовски проценува дека ќе бидат потребни дополнителни преговори, но тоа би значело преголема одговорност за кој било од политичките лидери во земјава.

Албанскиот политички аналитичар Ќенан Алиу за „Независен весник“ оценува дека Заев направил конкретни чекори што не биле направени во последните 27 години и кои се позитивно нотирани од меѓународниот фактор. Алиу додава дека временската рамка каде што конечното решение треба да биде ратификувано од двете влади е тесно, но ова не значи дека е невозможна мисија да се постигне пред Самитот на ЕУ.

„Се согласувам дека решението евентуално треба да се потврди со потпишување меѓународен договор кој се разбира дека треба да се ратификува од двата парламента и истиот договор треба да биде верификуван и од Обединетите нации. Мислам дека временската рамка е многу тесна, но сепак договорот ќе значи отворени врати за Македонија во НАТО, со клаузула за да се одреди датум за почнување на преговорите со ЕУ, како баланс за Грција ќе претставуваше компромисот за промени во Уставот со дадени рокови и според начелниот договор за ерга омнес. Политички сѐ е можно, но треба да се прифати дека Заев, кога е во прашање надворешната политика, направи конкретни чекори што го натераа меѓународниот фактор и големите сили да направат поголем притисок врз јужниот сосед“, процени Алиу.
Но не е проблем само името. Меѓународниот фактор будно следи дали реформите, како што се во правосудството, администрацијата, разузнавачките агенции, демократските процеси правилно ги спроведува владата на Заев.

Блерим Исмаили