Полицијата го расчисти убиството во Ѓорче Петров, приведено едно лице
Единица за насилен криминал при СВР Скопје денеска до надлежното Основно јавно обвинителство во Скопје, поднесе кривична пријава против С.Т.(25) од Скопје, поради основи на сомневање дека извршил кривично дело „Убиство“ казниво по член 123 од КЗ на РМ.
„На 28.12.2018 година околу 21,30 часот на улица „Шарпланинска“ во Скопје, по претходно договорена средба, пријавениот со пушка „Црвена застава“ испукал два патрона во Н.Д.(38) од Скопје, кој седел во патничко моторно возило „Фолксваген пасат“ и го убил. Пријавениот потоа ја ставил пушката во возило „Пежо 106“, со кое бил дојден, и го напуштил местото на настанот“, информира полицијата.
Пријавениот појаснил дека во неколку наврати, од Н.Д. земал пари, а по претходен договор, требало на 28.12.2018 година во 21,00 часот да му врати дел од парите.
По кажување на пријавениот, Н.Д. во два наврати (22.12.2018 и 27.12.2018) му упатувал закани доколку не ја врати сумата на пари, како што претходно се договориле.
Пријавениот С.Т. е лишен од слобода.