Повредени вработени на бензинска во Скопје откако пукнал вентил од плински резервоар
Двајца вработени на бензинска пумпа на ул. „Индира Ганди“ во Скопје синоќа се пренесени на скопските клиники откако вдишале гас при обид да затворат сигурносен вентил од плински резервоар, кој пукнал и од него истекла голема количина плин.
Како што информира Министерството за внатрешни работи, случаен минувач синоќа во 23:50 часот пријавил дека на бензинска пумпа на улица „Индира Ганди“ во Скопје имало големо истекување плин.
Од извршениот разговор со вработените на бензинската пумпа, констатирано е дека додека полнеле кујнска плинска боца виделе дека пукнал сигурносниот вентил кај резервоарот за плин и од него почнало да истекува плин. Вработените Г.А.(27) и Ф.Н.(28) кои се обиделе да го затворат вентилот од резервоарот вдишале гас и со возило на Итна медицинска помош се пренесени во Комплекс клиники „Мајка Тереза” за укажување лекарска помош.
Противпожарна единица и одговорно лице од Институт за одржување на бензински пумпи го затвориле главниот сигурносен вентил. Сообраќајот на улица „Индира Ганди“ бил блокиран во двата правци од 00:10 до 04:30 часот.