(Видео) Деца запалија дрво во сред Капиштец, МВР истражува што се случило
На 24 септември околу 22:30 часот во СВР Скопје било пријавено дека во парк во скопската населба Капиштец малолетно лице фрлило пиротехничко средство, по што избувнал пожар.
Пожарот бил изгаснат од екипи на Бригадата за противпожарна заштита – Скопје.
Од СВР Скопје информираат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Синоќа, Фејсбук групата „За пристоен Капиштец“ сподели дека група малолетници и помлади лица кои секојдневно користеле пиротехнички средства во населбата, синоќа предизвикале пожар во паркот.
Како што наведуваат од групата, при пукање петарди било запалено дрво, а постоела опасност огнот да се прошири кон околните објекти.
„Ноќва, при пукање на петарди овие млади лица успеаја да запалат дрво во паркот ‘Капиштец’ и за малку пожарот не се прошири кон околните згради и трафостаници“, се вели во објавата.
Жителите посочуваат дека проблемот не е од денес. Според нив, покрај гласната музика, во овој дел од населбата секојдневно се користат пиротехнички средства.
Оттаму тврдат дека ваквите случаи редовно ги пријавуваат во полиција, но, според нивните наводи, досега немало навремена реакција.
По вечерашниот инцидент, жителите бараат надлежните институции да реагираат и да утврдат кој го предизвикал пожарот.
„Се надеваме на брза реакција од надлежните за пронаоѓање на личноста која го предизвика пожарот“, порачаа од „За пристоен Капиштец“.