Повеќе од 70 лица во Западен Балкан се осудени за тероризам


Од 2016 година до денес судовите во регионот на Западен Балкан осудија и затворија повеќе од 70 лица за тероризам и за учество во странски боишта. За овие дела биле изречени вкупни пресуди од над 380 години. Ова беше соопштено во Тирана на состанокот на претставници на полициски и правосудни органи од земјите на Западен Балкан, на кој му претходеше средба на шефовите на воено-разузнавачаките агенции од Југоисточна Европа.

Тие разговарале за безбедносната состојба во регионот и направиле проценка на податоците собирани од отворени извори, собрани во документот наречен „Предизвиците во кибернетичката безбедност – критична инфраструктура во Југоисточна Европа“.

На состанокот кој го организираа албанската Влада и Регионалниот совет за соработка, неговиот претседател Горан Свилановиќ предупреди дека се регистрирани и се формираат нови видови терористички активности, особено во кибернетичкиот простор и има радикализација преку интернет, со што се наметнува потреба за проширување на регионалната соработка.

Претставниците од регионот расправаат за правните и полициските пракси во слуачите на тероризам и насилен екстремизам, за процедурите на класификација и декласификација на документите во судовите за ваквите случаи, како и за унапредување на соработката помеѓу полициските органи и правосудството, во прекуграничната борба против тероризмот.