Партиите ќе влезат во ДИК шест месеци пред избори


Драстично ќе се менува концептот на Државната изборна комисија, за што веќе разговараат партиите од власта и од опозицијата.

Како што соопшти вице-премиерката Радмила Шекеринска, која го предводи тимот на СДСМ во преговорите со ВМРО-ДПМНЕ, целта е ДИК да се професионализира и да функционира како административно тело. Партиите, пак, би имале свои претставници во Комисијата, но тие би ги преземале функциите шест месеци пред редовни избори.

Се разговара и за изборниот модел за парламентарни избори, при што Шекеринска, на денешниот брифинг со новинарите, посочи на ветувањето на СДСМ за пропорционален модел, но со една изборна единица, наместо досегашните шест. Таа не ја отфрли можноста и за воведување отворени листи, но премиерот Зоран Заев рече дека тој концепт прво би се испробал на локални избори, во делот на изборот на советници.

Измените во изборната регулатива, согласно забелешките на ОБСЕ -ОДИХР, рече Шекеринска, би оделе во две фази, затоа што прво треба да се реши акутната ситуација со комплетирање на ДИК чии членови поднесоа оставки пред неколку месеци поради скандалот со високите надоместоци за последните изборни циклуси.

„Постигната е согласност да се врати претходниот модел на ДИК, така што претседателот ќе биде од опозицијата, а владејачките партии ќе имаат мнозинство. Но, тоа е преодно решение кое би траело некаде до септември, додека се разговара за сите измени во Изборниот законик што треба да се донесат“, изјави Шекеринска.