Одбележан 23 Мај националниот ден на Власите


Влашката заедница во земјава го одбележа 23 Мај – Меѓународниот ден на Власите. Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, која ја предводеше владината делегација, во чиј состав беа и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и заменик министерот за економија Кире Наумов, на свеченоста која се одржа во хотелот Александар Палас во Скопје, рече дека Македонија е пример не само на Балканот, туку и во Европа, како можат да се негуваат, унапредуваат различностите и сметаат дека тоа е иможеби најголемиот аргумент зошто Македонија треба да биде дел од европското ѕвездено небо.
-Тоа го правиме не само со зборови, со уставни и законски одредби, туку и во нашето секојдневно живеење. Влашката заендица има посебно место во Република Македонија бидејќи Вие и вашите претци дадоа значаен придонес – историски, културен и политички во изградбата на нашата заедничка држава, рече вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска.
Инаку Македонија е единствената држава во која влашкиот народ е составен дел од Уставот и согласно Законот за празници – 23 Мај е признат како неработен ден за влашката заедница.