Нема преговори со ЕУ без СЈО

 

Ерол Ризаов

Натамошната непречена работа на Специјалното јавно обвинителство со уште поголеми ингеренции и овластувања во гонење на организираниот криминал и корупција во врвот на секоја власт и на недопирливите моќници станува главен предуслов за отпочнување на преговорите со ЕУ. Ова е добрата вест. Сè друго во врска со судбината на СЈО е лоша, ептен лоша работа. Големи се силите и од лево и од десно, од носителите на организираниот криминал, од политичари што седат на обвинителна клупа, во притвор, избегани во странство, но и во собраниските и државните и фотелји, во Владата, во Врховниот суд и други судски и политички спреги, во бизнис-асоцијациите, во општините, во партиските штабови, кај старите и новите мафиози, да се задуши големата надеж за владеење на правото, да се сотре СЈО, да се врати гангстерскиот режим управуван од политиката. Деновиве во Собранието ќе се открива вистината што сите ја знаеме – кој е за тоа Северна Македонија да биде правна држава, а кој е за спречување на правдата.

Во парламентот народните избраници треба да гласаат со двотретинско мнозинство, иако би било несфатливо да не е едногласно, кој е за поддршка на арамилакот и непречениот грабеж на граѓаните, а кој е за тоа да ги стаса праведна казна и тие што се на највисоките функции ако го кршат законот и се богатат алчно на сметка на граѓаните. Бидете внимателни ако сакате да ги препознаете кој за што се определува оти сите на глас ќе викаат – „Држте го лоповот“ – сите бараат остри казни против криминалот и корупцијата и еднаквост пред законите. Арно ама, штом почнат да врескаат дека СЈО ги гони само нивните арамии и криминалци, кои патем се и натаму партиски икони и наредбодавци од една страна, а од друга тие што наводно го поддржуваат СЈО мудруваат дека има законски пречки за негова непречена работа, дека на голема жалост, а во суштина радост, истекува рокот за гонење на криминалците и слични глупости со цел СЈО да се претопи во редовно јавно обвинителство под контрола на власта. Тоа значи, бидете сигурни, работата е да се озакони престанокот на гонење на организираниот криминал и корупцијата, што е најнов државен удар врз правдата и на владеење на правото.

Да има политичка волја да работат непречено и Специјалното јавно обвинителство и редовното јавно обвинителство и целиот правосуден систем и сите надлежни институции во гонење на криминалот вклучувајќи ја и антикорупциската комисија, по угледот на најголем број правни држави, најнапред, пред што било во врска со владеење на правото, би требало да се донесе еден ригорозен закон кој ќе го санкционира секое попречување на правдата. Кај нас сè уште нема таков закон кој не признава никакви имунитети, аболиции, помилувања и помирувања, високи функции и разни автократи и недопирливи моќници. Секое докажано попречување на правдата треба да заврши со повеќегодишна затворска казна во зависност од тежината на делото. Тогаш, може да се каже дека и СЈО и сите други обвинителства и механизми на правдата можат да работат непречено.

Пред да одлучат дали ќе го прифатат законот и ќе ја продолжат работата на СЈО пратениците треба да ги имаат предвид фактите на досега завршената и веќе отпочната работа на ова обвинителство и на неговата стручност, храброст и екипираност од над 150 вработени, обвинители, истражувачи, економисти, стручни луѓе, современа компјутерска технологија… кои во изминатите неполни три години покажаа резултати на кои можат да позавидат и институции кои на овие проблематики работат со децении. Гаснењето на СЈО, покрај одложувањето на преговорите со ЕУ, би означило и губење на трендот на воспоставување доверба во судството што веќе е видливо и дома и во Брисел. Последиците од блокадата на СЈО би биле уште потешки во функционирањето на државата.

Како еклатантен доказ за тоа е предупредувањето на академик Евгениј Димитров, еден од нашите најголеми правни авторитети, објавено пред 22 години во „Националната стратегија на економскиот и општествениот развој на Македонија“. Стратегија која, за жал, остана во правливите депоа на МАНУ неупотребена, иако е еден од најдобрите и најсериозни документи на идниот развој на државата изготвен од над 100 научници од Македонија, Словенија и Австрија, стратегиски документ правен по образецот на развојот на Словенија. Еве што запишал академик Димитров во поглавјето „Продлабочување и зацврстување на владеењето на правото“: „Владеењето на правото е суштествен сегмент на демократијата. Надвор од демократијата принципот на владеење на правото претставува гола форма и може да се трансформира во инструмент на присила, репресија и диктатура“. Филм што го гледавме цели 11 години за време на груевизмот со реална опасност да продолжи и натаму. За тоа, Димитров пишува: „Основна функција на владеење на правото е ограничување на политичката власт и обезбедување на ефикасна заштита на човекот и неговите слободи и права. Владеењето на правото во исто време е предуслов и рамка за изградба и функционирање на општество втемелено врз законитостите на пазарната економија и слободното претприемништво“. Дали ова го сакаат нашите политички и партиски водства или не. Ќе се увериме наредните денови, иако тешко е да се биде оптимист.

И на тоа предупредил академик Евгениј Димитров: „И покрај широкиот институционален механизам и уставно гарантираните принципи и средства за обезбедување на владеење на правото во практиката постојат сериозни слабости во неговата примена. Неопходно е во што покус рок законодавно доуредување на функционирањето на судството и уредување на други односи и прашања, што сè уште не се регулирани или се непотполно опфатени во соодветни закони“. Па, ете, поминаа 22 години, академик Димитров одамна е покоен, ама работите за кои бараше „покус рок“ уште се во сферата на дилемата дали ќе се попречува правдата или не.