Некогашните поддржувачи стануваат критичари: Заев врати се…


Од Анкара, каде што имаше средба со Реџеп Таип Ердоган, преку карневалот во Струмица, до претстојното патување во Берлин, каде што треба да се види со Ангела Меркел… Додека премиерот Зоран Заев, последниве неколку месец повеќе време поминува во авион, „шпартајќи“ ги европските метрополи или во службеното возило за да присуствува на некоја манифестација во внатрешноста на земјата, како карневалот во неговиот роден град или засекувањето на лозјата во Тиквешијата… кај дел од јавноста која беше силно опозициски настроена во ерата на претходната владејачка гарнитура расте незадоволство од одредени потези на новата власт. Повеќемина интелектуалци, невладини активисти, учесници во „Шарената револуција“, па и поранешни високи функционери на СДСМ јавно реагираат на одредени потези на Владата, особено во делот на кадровските политики, опортуниот однос кон коалициските партнери и политичките противници и потези спротивни на политиките што беа декларирани во изборната програма на социјалдемократите.

„Врати се дома, Заев. Те чека многу работа која не е помалку непријатна од преговорите за името“, е апелот што деновиве преку социјалните мрежи го упати режисерот и поранешен прв човек на Фондацијата „Отворено општество“, Владимир Милчин. Алудирајќи на барањето на Заев до граѓаните за повеќе трпение, Милчин посочува дека очекува од премиерот да му ги остави преговорите за името на шефот на дипломатија Никола Димитров, а тој да се соочи со внатрешните проблеми, пред, како што вели, да биде предоцна.
„Ни Господ ни поповите нема да помогнат во разрешувањето на натрупаните проблеми, ни во забрзувањето и усогласувањето на владината машина која свири како раштиман оркестар и предизвикува револт. Спушти се на земја пред да биде доцна и препушти му ја на Димитров одговорноста за надворешната политика“, напиша Милчин на Фејсбук.


Тој посочува и дека микроменаџирањето не е инструмент за премиер, како што наведува, тактиката не е инструмент за генералите, на кои им прилега стратегија.
„Време е да го преиспиташ функционирањето на функционерите во својата влада и партија. И не сметај на нивната совест и самокритичност. Побарај одговорност за грешките и побарај оставки. Ако тоа не е доволно, разреши ги. Не сите што се крстат се верници и деца Божји. И потсети го Ахмети дека Македонија не е двоглава монархија каква што беше Австро-Унгарија“, пишува Милчин.

На прашање на „Независен весник“ што е причината за незадоволството што сѐ повеќе поддржувачи на довчерашната опозиција сега го изразуваат во однос на работата на Владата, Милчин вчера ни посочи четири основни „грешки во чекори“: големите ветувања што сега не се исполнуваат, игнорирањето на внатрешните проблеми, кадровските политики и попустливоста кон ДУИ, како главен коалициски партнер на „Илинденска“.
„СДСМ настапи со премногу ветувања, со големи ветувања, без да одреди динамика за нивно исполнување, а прашање е и дали некои од нив се воопшто остварливи. Потоа, целата енергија на власта е насочена кон ЕУ, НАТО, името, што се всушност долгорочни прашања, наспроти очекувањата на луѓето за поголема посветеност за решавање на натрупаните домашни проблеми. Тука се и концесиите што им се испорачуваат на Али Ахмети и на ДУИ, иако сите знаат за каква структура се работи уште од времето на претходната власт. И, секако, несоодветната кадровска политика, во чии рамки имавме судир на интереси, и непотизми, и злоупотреби на службена положба…Притоа, граѓаните не гледаат волја кај власта да ги исправи и санкционира грешките. Гледајте само колку време беше потребно за да се донесе одлука за разрешување на директорот на Агенцијата за туризам“,ни изјави Милчин.

Околу осум месеци по доаѓањето на СДСМ на власт, евидентно е дека расте незадоволството кај некогашните „соборци“ на Заев. Прв сигнал во таа насока беа оставките што ги поднесоа или најавија неколку познати правни експерти кои беа ангажирани во Советот за реформи на правосудството, посочувајќи дека биле игнорирани при подготовката на новите закони од оваа сфера. Деновиве, пак, повторно се создава критична маса во врска со вклучувањето на поранешниот министер за правда Михајло Маневски, еден од најкритикуваните за време на претходната власт, во дел од работните групи меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ за усогласување на реформските закони. Веста, пак, дека на чело на МРТ останува долгогодишниот директор, инаку кадар на ВМРО-ДПМНЕ, ја прели чашата, со оглед на тоа што поранешната опозиција своевремено со денови протестираше пред зградата на јавниот сервис и посочуваше на необјективно и пристрасно известување.

На овој случај посочува новинарот и аналитичар Сашо Орданоски, кој исто така во повеќе свои текстови критички опсервира дел од политиките на новата влада.
„Ако СДСМ не направи ништо за да создаде простор за смена на директорот на МРТ, повикувајќи се на законски ограничувања, можеа барем да го викнат во Собранието, како основач на јавниот сервис, и таму да го притиснат и да побараат извештај и објаснувања од него. Ама, не го прават ниту тоа“, вели Орданоски во изјава за нашиот весник.

И тој посочува дека односот кон ДУИ и неадекватните кадровски политики се дел од грешките кои наидуваат на конструктивна и објективна критика во јавноста, во насока на тоа да бидат коригирани навреме. Очекувањата од новата влада, вели Орданоски, беа преголеми, а испораката не е на тоа ниво. И ако за тоа, вели, може да се наиде на разбирање, со оглед на краткото време и големите ограничувања, тешко е да се најде разбирање за грешките од кадровска и концепциска природа.

„Јавноста може да има разбирање за тенкото мнозинство во парламентот, за притисоците од странскиот фактор, ама не може да има разбирање и за попустливоста кон ДУИ, која се однесува како да е 2011 година и како сѐ уште да е во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, со која водеа тендерски политики. Заев заборава колку гласови доби од Албанците токму поради нивното незадоволство од ДУИ. Зарем ќе дозволи сега заедно да ги изгубат сите тие гласови. Луѓето се бунтуваа против тоа и нормално е сега да се незадоволни“, вели Орданоски.


Во однос на кадровските политики, тој упатува и на одредена нерешителност кај министрите, посочувајќи дека повеќето од нив, наместо да настапуваат со концепти и решенија, за секое прашање чекаат да видат што ќе каже премиерот.
„Секако дека има и светли точи во политиките на оваа Влада. Затоа и се очекува пробив во НАТО. Ама, НАТО, ЕУ, името се дел од големата приказна, ако таа не се реализира брзо тоа ќе биде резултат на повеќе фактори. Затоа, во моментот е најважно да функционираат работите дома. Да видиме до средината на годината како ќе се развива таа голема приказна, а потоа мислам дека Заев ќе мора да оди на некоја деконструкција или реконструкција за да почнат да се исправаат работите на внатрешен план“, вели Ордановски.

Со совет до премиерот да се врати на домашен терен се огласи деновиве и Тефик Махмут, активист на „Цивил медиа“.

„Вратете се на домашна сцена, премиере. Долг е патот кон ЕУ и кус е патот кон следни потенцијални избори“, е апелот што тој го испраќа до Заев.
Овој став е, всушност, во контекст на случајот што минатата седмица ја потресе јавноста – со силуваното девојче од домот „25 Мај“. Сепак, Махмут, тука прави споредба меѓу сегашната и претходната власт, посочувајќи дека гледаме делумно ист производ во различно пакување.
„Премиерот има морална и политичка одговорност да си стои на ветеното и да донесе живот во оваа држава, не во буквална, туку законска и политичка смисла. Да имаме ред и владеење на правото во оваа државата. Ако не нешто повеќе, да не ги игнорира ваквите случаи. Особено не ако се зафатил да го изоди патот кон ЕУ. Случаи од ваков калибар не се достојни за држава која претендира да биде компатибилна со европските и светските стандарди“, забележува активистот на „Цивил медиа“.
Александра М. Митевска