Могерини: Стратегијата дава конкретни перспективи за ЕУ-интеграцијата на шестте партнери


Западен Балкан географски е дел од Европската унија и дели иста историја и ќе делиме заедничка иднина во рамки на Европската унија, рече високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини на заедничката прес-конференција со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, на која беше презентирана Стратегијата на ЕК за Западен Балкан.

– Стратегијата дава заеднички конкретни перспективи за ЕУ-интеграција на секој од шестте партнери, врз основа на заслуги и процеси кои се познати. Јасно е дека потребата од реформи постои за луѓето да ги имаат и уживаат истите права и стандарди како и жителите на ЕУ. Лидерите и луѓето на Балканот направија јасен избор за членство во ЕУ, секоја со свое темпо и време, но со јасна цел. Денеска ние го правиме истото, им кажуваме дека и нашиот избор е ист и перспективата е јасна, рече Могерини.

Посочи дека датумот 2025 година не е краен рок, туку цел и реална перспектива за затворање на целиот процес за сите кои имаат почнато и тие кои во блиска идина ќе ги почнат преговорите.

– Да го внесеме Западен Балкан во ЕУ не во некоја далечна иднина, туку нашата генерација. Следните месеци ќе бидат интензивни и амбициозни и се надевам дека следните месеци ќе ги паметиме како пресвртница и клучни за ЕУ. Бројот на членки не е врзан за бројот 27 и може да биде поголем, рече Могерини.

Посочи дека стратегијата има шест конкретни иницијативи кои ги покриваат сите клучни области, како владеење на право, безбедност и миграција, социоекономски развој, транспорт, дигитална агенда, помирување и добрососедство.

Еврокомесарот за проширување Хан, рече дека ова е историска можност и позитивен момент што создава мотивација и оптимизам, но секој мора да ја исполни својата домашна задача.

– Стратегијата и сите позитивни елементи не се покана, туку едноставно канализирање на сите иницијативи кои се започнати во минатото. Јасно е дека критериумите мора да бидат исполнети. Затоа е добро да се истакне дека не се работи за омекнување на критериумите за влез, туку овие датуми треба повеќе да служат како поттик за лидерите и земјите кандидатки да ги спроведат потребните реформи, изјави Хан.