Могерини не виде обединети

Шефицата на дипломатијата на ЕУ, Федерика Могерини, ги повика вчера политичките лидери во Македонија да бидат горди што земјата се врати на патот каде што припаѓа и да не заборават како дојде до тука, по најтешката политичка криза досега.

– Ова е местото каде што треба да бидете, со јасна неусловена препорака за влез во нашата Унија. Ова е признание за она што го завршивте – рече Могерини и повтори дека постигнатото е подеднаков резултат и за власта и за опозицијата.

– Повеќе единство и заложби ќе бидат потребни понатаму. Ова се заеднички резултати и за Владата и за опозицијата, кои имаат одговорност да ги обединат силите за следните чекори. Вие ја споделувате обврската кон своите граѓани и државата – истакна Могерини во обраќањето. Таа направи споредба со она што го видела за време на посетата пред една година и сега.

– Кога ќе помислам на ситуацијата пред една година и каде сте денес, поминавте долг пат. Добрите вести се дека сте назад на патот, ги минавте најлошата политика и институционална криза со кои сте се соочиле и тоа е големо достигнување – оцени Могерини нарекувајќи ги постигнатите резултати импресивни.

Таа истакна дека најголемото достигнување е во реформите кои, како што рече, се најсилниот знак на зрелост на демократските институции. Притоа истакна дека не се работи само за внатрешни реформи, туку и за реформи во односите со соседите и регионалната динамика и, притоа, го истакна како најпозитивен примерот со Договорот за добрососедство со Бугарија.

– Денес во Скопје и секаде низ земјата гледам обединето општество, обединето околу целта да биде дел од едно европско семејство. Сега веќе не зборуваме како да стигнеме до патот, туку за одење по патот кон ЕУ. Се надевам дека разговорите со Грција ќе доведат до решение и убедена сум дека ова ќе прерасне во основа за обединетост на ЕУ – рече Могерини поентирајќи со барањето да почнеме да трчаме, мислејќи на бавното темпо со кое се движевме во евроинтеграцијата досега.

– Имаме потенцијал да бидеме брзи во постапките, да бидеме успешни. Знам дека и вие верувате во тоа да се движиме брзо кон членството во ЕУ. Инвестирајте во вашето единство, во вашите демократски институции во талентот на граѓаните, особено во младите луѓе и нивните аспирации и желби да се приклучат кон ЕУ. Тоа е придобивка за вас, но и за нас. Истото ќе биде препознаено од Брисел и од ЕУ. Време е да почнеме да трчаме заедно, да трчате еден со друг со вашите соседи и уверена сум дека така ќе стигнете далеку – порача Могерини.

Иако поканет на обраќањето на Могерини, претседателот Ѓорге Иванов не присуствуваше. Претходно, Могерини имаше работен појадок со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој ѝ порачал дека ЕУ ни е потребна како начин за подигање на стандардот на граѓаните, заради повисок квалитет на живеење и споделување на заедничките вредности. „На тој план ВМРО-ДПМНЕ даде свој придонес, давајќи суштински забелешки кои беа инкорпорирани во реформските закони што беа донесени, со што партијата се водеше од државните интереси и интересите на граѓаните кои за ВМРО-ДПМНЕ се на прво место“, рекол тој. Воедно, Мицкоски изразил загриженост за економската стагнација во државата, корупцијата која е широко распространета и случаите кои отвораат сериозен сомнеж за криминал во кој се вмешани највисоки претставници на власта. (Н.В.)