Меј: Ги разгледуваме следните чекори во однос на Москва

Лондон- Британската премиерка Тереза Меј соопшти денеска дека ќе ги разгледа следните чекори заедно со своите сојузници, откако Русија соопшти дека ќе протера 23 британски дипломати од земјата во врска со скандалот со труењето на поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка. За тоа Лондон ја обвини Москва, која категорично ги демантира таквите тврдења.

-Нема да толерираме закана за животот на британските граѓани на територија на Британија од страна на руската Влада, изјави Меј на форумот на Конзервативната партија во Лондон.

Според анонимен извор од руското Министерство за надворешни работи, на Британците ќе им биде дадено време за затворање на конзулатот во Санкт Петербург, а датумот ќе биде одреден согласно меѓународните норми.

Русија денеска донесе одлука да прогласи 23 британски дипломати за „персона нон грата“, како одговор на протерувањето на ист број руски дипломати од Британија. Тие ќе треба да ја напуштат Русија најдоцна за една недела.

Властите во Москва одлучија да го затворат и Британскиот совет во Русија.

Скрипал и неговата ќерка и понатаму се наоѓаат во критична состојба по труењето се нервен гас на 4 март.