Макрон по средбата со Заев: Одите во добар правец
Македонскиот премиер Зоран Заев вечерва имаше средба со францускиот претседател Емануел Макрон по која даде изјава за „Независен весник“ и МКД.МК.
„Не сакам да откријам ништо. Бев многу среќен да се сретнам со целиот тим. Зборувавме многу отворено за сегашната ситуација и многу добрата работа на тимот која е во многу добар правец“, рече кратко Макрон.
alt=”” width=”960″ height=”638″ />
Франција е тврдиот орев во ЕУ во однос на проширувањето и под нејзин притисок зборот „проширување“ го нема во документот иако целата идеја на самитот е да ја потврди посветеноста на ЕУ на регионот и решеноста тој да стане дел од Унијата.
Стравот во дипломатските кругови е дека ќе биде лошо ако Македонија го реши спорот за името што е едно од најнерешливите и најтешки прашања во Европа, а место награда да наиде на зид од Франција во Европскиот совет. Средбата требаше да го омекне Макрон и да го соочи со предизвиците со кои се соочува Македонија и тешката криза што ја остави зад себе а која може да се врати ако земјата нема ЕУ перспектива.
За средбата со Макрон Заев се огласи на Фејсбук каде напиша:
„Во искрена и пријателска атмосфера, вечерва остварив средба со францускиот претседател Емануел Макрон, на која разговаравме за актуелните политички теми од интерес на Европската Унија, регионот и Република Македонија, како и за билатералните односи на нашата земја со Република Франција.
Истакнав дека се бориме за иста Европа. Република Македонија е успешна приказна на Балканот и заслужува вреднување соодветно на постигнатите резултати. Ги поддржуваме заложбите за покохезивна, функционална и поодржлива ЕУ. Лидерството на Франција е мотивација и пример и за Македонија и за регионот.
Претседателот Макрон ни изрази честитки за реформите што ги преземаме. Франција ќе ја поддржи Македонија во позитивната динамика на спроведувањето на промените во земјата и во забрзување на прогресот на земјата.
Заеднички се согласивме дека е неопходно Западен Балкан да ги зајакнува врските со ЕУ за да се одржи европската перспектива на регионот.
(Од нашиот известувач од Софија, Слободанка Јовановска)