Македонија губи пари, а Бугарија заработува од отпадот

Македонија секоја година губи од четири до пет милиони евра во буџетот, затоа што системот за селекција на отпад функционира само делумно. Во нашата земја, според податоците на Асоцијацијата за управување на посебните текови на отпадот, годишно се создаваат повеќе од 700.000 тони различен отпад, од кои повеќе од 100.000 тони се од пакувања, над 15.000 тони електронски и електричен отпад, околу 70 тони мали батерии и повеќе од 3.500 тони акумулатори. Огромен дел од нив, сѐ уште завршуваат на депонија и сериозно ѝ се закануваат на животната средина, а од друга страна се губи и драгоцена секундарна суровина.

За разлика од Македонија, Бугарија за само пет години создаде максимално ефикасен систем за селекција и рециклирање на отпадот, што ја позиционира земјата меѓу лидерите во Европската Унија. Во 2013 година Бугарија рециклираше само 6 отсто од отпадот, додека денес 6,4 милиони Бугари во сите 183 општини во земјата учествуваат во системот за сортирање на отпадот, а само во главниот град Софија се рециклираат 84 проценти од отпадот.

Напредокот е резултат на фактот што селекцијата на отпадот од амбалажа е задолжителна за сите компании и за сите граѓани. Според бугарскиот закон за управување со отпадот, компаниите кои произведуваат отпад од амбалажа, како и домаќинствата, мора да селектираат хартија, пластика, стакло, метал, алуминиум и композитни пакувања. Доколку не го прават тоа, може да се соочат со казна.

Главната разликата меѓу Бугарија и Македонија е што секој килограм собран отпад од амбалажа е сопственост на бугарските колективни постапувачи, што значи дека тие компании можат да го продаваат собраното на рециклаторите, да генерираат дополнителен приход, кој го инвестираат во нова опрема за селекција.

Кај нас, пак, компаниите како „Пакомак“,„Еуро-екопак“,„Нула отпад“, „Елколект“, „Еконелектрон“ и ОБА се финансираат само од парите што ги инвестираат компаниите кои се дел од нивниот круг.

„Во просек, вложувањата во колективните постапувачи со отпад од пакување во земјите на ЕУ се околу пет евра по жител, за разлика од Македонија, каде што вложувањата во сите колективни постапувачи заедно се околу 0,5 евра по жител. Сè уште има голем број компании што не ги почитуваат законите со кои се задолжени да го пријавуваат отпадот што го создаваат и да финансираат негово одделно собирање и рециклирање. Секоја компанија мора да плаќа во некој систем за собирање на тој создаден отпад“, вели Филип Ивановски, директор на „Пакомак“ и претседател на Асоцијацијата.

Тој објаснува дека повеќе од 40 проценти од количините отпад од пакување, кои компаниите секоја година ги пуштаат на пазарот, не се рециклираат. За нив, фирмите што ги пласирале не само што не им плаќаат на колективите системи за собирање, туку не ѝ плаќаат ниту на државата, иако тоа им е законска обврска. На овој начин директно го оштетуваат буџетот на Македонија, во просек, со по четири до пет милиони евра годишно, пари што би можеле да се инвестираат во еколошки проекти, а од друга страна ја нарушуваат и конкурентноста меѓу компаниите.

Разликите се со Бугарија се очигледни, во 2012 година земјата рециклирала само 29 проценти од амбалажата, додека денеска тој процент е 65 отсто. Земјата рециклира околу 40 проценти само од пластичниот отпад, што е за 10 отсто повеќе од просекот на Европската Унија.

Најголемиот колективен постапувач во Бугарија, компанијата „Екопак“, има поставено повеќе од 17.000 контејнери во различни бои низ целата земја, не само во урбаните средини, туку и во селата. Според Тодор Бургуџиев, генерален директор на „Екопак“, компанијата има постројка со 16 линии за сортирање каде што се врши и секундарна селекција.

Инвестициите во постројки за рециклирање се направени во последните години со пари од ЕУ-фондовите, но и со вложувања од бугарски фирми. Најголемата се наоѓа во Софија, околу 60 слични вакви фабрики функционираат веќе низ цела Бугарија, а во изградба се уште 20. Повеќе од 130 бугарски фирми официјално имаат лиценца за рециклирање пластика, а нивните капацитети ни оддалеку не се целосно искористени. Поради тоа, земјата веќе почна да купува пластичен отпад од Германија.

И Бугарија има свои неформални собирачи на отпад, од социјално загрозените слоеви, кои не се дел од системот. Се проценува дека во Софија, 4.000 до 5.000 луѓе собираат околу 50 отсто од рециклирачките материјали. Станува збор за вкупно околу 100.000 тони годишно, со што се проценува дека Софија заштедува околу осум милиони евра. Земјата во моментов бара начин овие луѓе официјално да бидат вклучени во системот за рециклирање, а се предлага и воведување нова професија, собирачи на отпад за рециклирање.

Сања Наумовска