Кучан: Македонија не го цени доволно Глигоров


„Мислам дека во Македонија не се ценат доволно заслугите и делата на првиот претседател Киро Глигоров. Дали можеше да направи повеќе? Секој период има свои предизвици, тој во секој момент се трудеше и успеваше да го извлече најдоброто за Македонија. Сметам дека неговите наследници неа беа на исто ниво“, оцени поранешниот словенечки претседател, Милан Кучан.

Тој се присети дека соработката со Глигоров започнала уште во 1968 година, кога заедно работеле на промена на Уставот.

„Беше одличен економист, ме зема како помлад соработник и тоа никогаш нема да го заборавам. Тој беше човек што секогаш водеше сметка за односите со меѓународната заедница, но и за интересите на Македонија. Беше храбар и одлучен. Се сеќавам кога дојдов да го посетам кратко по атентатот, а тој ми рече: ‘Се е во ред, сега ќе морам посилно да продолжам да работам и да го завршам започнатото’. Со неговото име не се поврзуваше никаков скандал, корупција или слично“, дополни Кучан.

Првиот словенечки претседател денеска беше гостин на Американскиот колеџ во Скопје, кој ја организираше годинешната конференција за европските интеграции. (Г.А.)