Концерт на Филхармонија со славниот Вадим Репин


Македонската филхармонија, вечерва во 20 часот, ќе одржи симфониски концерт под наслов “Магична виолина“, на кој како солист ќе се претстави еден од најголемите виолинисти на денешницата, Вадим Репин од Русија.

Виолинистот со огнена страст, со беспрекорна техника, уметникот од чии раце извира поезија и сентименталност, како што го опишува критиката, Вадим Репин, за македонските љубители на музиката ќе го изведе виртуозниот Концерт за виолина и оркестар бр. 2 од Сергеј Прокофјев. Диригент на концертот е маестро Владимир Вербицки од Русија, кој првпат настапува на македонската сцена, а кој се смета за еден од најактивните руски диригенти и кој гостува на сите светски континенти.

Под неговата диригентска палка оваа вечер ќе бидат изведени и едно од најпопуларните дела на рускиот композитор Модест Петрович Мусоргски – “Ноќ на пустата планина“, како и македонската премиера на Симфонија бр. 1 од рускиот автор Василиј Калиников.