Кога државата ќе ги заборави тие што ѝ служат: Некогашните офицери на ЈНА – денес „бездомници“

Изронета, исчкртана фасада, скршени прозорци, дупките на вратите закрпени со картони… Така изгледа зградата на некогашното воено маало во Петроварадин во кое живеат армиските пензионери.

„Кога се вселив тука, имаше пајажина од таванот до подот. Тоа беше некаков дуќан, седум на пет метри. Беше заклучено и напуштено, никој тука не влегол дваесет години“, се потсетува пензионерот Ратомир Илиќ.

Тој е еден од војниците кои по почетокот на војната во деведесеттите биле преместени од поранешна Југославија во Србија. Тој служел во Марибор, каде што имал трисобен стан со станарско право. Како и останатите војници, по наредба се откажал од тоа право, го предал својот имот и се вратил во Србија каде што му ветувале дека ќе добие друг стан.

Наместо нов стан, со уште 46 семејства се вселил во привремено сместување. Тоа „привремено“ се продолжи на 25 години.

„За тоа време во објектот ништо не се промени. Министерството за одбрана не вложи ниту еден динар, а ние живеевме како што знаеме и умееме. Кога се вселивме, постоеја само неколку тоалети, и тоа само еден на 15 семејства, па секој од свој трошок го средуваа колку-толку за да го упристоиме за живот“, раскажува Илиќ.

Живот во азбест

Слична судбина делат околу 2.600 семејства кои ширум Србија речиси три децении живеат по колективни центри чија инфраструктура не била наменета за живеење. Тоа се домови, воени училишта, затвори, бараки, хостели, перални, напуштени амбуланти и други простории кои војската ги имала на располагање. „Некаде тоа се преградени училници, соби во кои луѓе од 80 години мора да користат еден ‘чучавец’ или една туш-кабина на три-четири лица“, раскажува Владо Џукиќ, претседател на Здружението на воени бездомници на Србија, кој е инаку потполковник, пилот во пензија.

Тој и уште стотина семејства живеат во воен комплекс во Сурчин. Шума, мирис од канализацијата која не функционира веќе 10 години и лаежот на уличните кучиња… Изолирани се од населението, а најблиската аптека им е оддалечена 7 километри. На местата каде што до пред 10 години имало портирница, ресторан, продавници, сега се рушевини со скршени прозорци, затрупани во ѓубре и шприцеви на подот. Тука, како што велат, се собирала „ноќната бригада“.

Неодамна дознале дека монтажните куќарки во кои се сместени се всушност изградени од азбест. „Изолацијата е од азбестни плочки, па дури и некои ентериери, на пример таванот на бањите и шпајзовите“, раскажува Драго Солдо, претседател на здружението „Спортско-рекреативен центар Сурчин“. „Ние тоа го докажавме со тоа што им однесовме делови од ентериерот и екстериерот во Винча. Добивме наод и му го предадовме на Министерството, но никому ништо“.

Таквите импровизирани сместувчки капацитети се претставени како да живеат во пристоен стан некаде во близина на градот. Меѓутоа, трошоците не ги плаќаат како останатите граѓани, туку заеднички според методологијата на министерството до која не можеме да дојдеме. Во Сурчин тоа е околу 30 илјади динари месечно, а во Петроварадин 27 илјади. И едните и другите одбиле да ги плаќаат трошоците според таква пресметка.

„Јас велам дека не сум потрошил толку струја, сакам да платам колку што сум потрошил, и тоа трае цели 20 години“, вели Солдо. „Сметаме дека како граѓани мораме да платиме онолку колку што сме потрошиле, а не колку што Министерството бара. Притоа, немаме право на бонуси како лица што биле учесници во војна, тоа беа 50 отсто, а сега се 30 отсто, немаме право на никакви други бонуси што ги дава Градот “, се жали нашиот соговорник.

Долгот му пораснал на околу 2,5 милиони динари, поради што се тужи со државата. Едно од решенијата би било да ја купи куќарката во која живее, но тој тоа не може да си го дозволи. Иако сместувањето првобитно му е доделено како службен стан, во меѓувреме го преименувале во воен објект. Така се најдоа во ќор-сокак. Иако станот не може да го откупи зашто не е официјално службен стан, на листата се води како станбено згрижен, па има мали шанси да дојде до трајно сместување.

А речиси целиот работен век овие воени пензионери издвојувале пари за Военостанбениот фонд, и тоа 4,5 отсто од бруто-приходот.

„Таа година започна откупот на станови во Југославија, но почна војната, па не стигнавме да ги откупиме. Но имам потврда дека мојот придонес бил 38 илјади марки. Средствата беа во Народната банка, која на наше барање повторно да ни издаде потврда, нѐ извести дека го нема тој податок, што не е точно. Тие податоци не може така лесно да се избришат и да исчезнат од евиденција“, раскажува Ратомир Илиќ.
Србија  ги упатува кон републиката од која се дојдени, но тие тврдат дека немаат никаква врска со сукцесијата, бидејќи биле присилени да се одречат од станарско право, па немаат право на враќање на становите кои ги оставиле во поранешните републики. Потврда за тоа добија и од судот во Стразбур, кој зазема став дека со нивното прашање треба да се занимава Србија.

Многумина паѓаат во депресија и се повлекуваат во тие неколку какви-такви квадратни метри. Други се закануваат со самоубиство.

. „Ние дадовме сѐ за оваа држава. Некои ги дадоа и своите животи. Јас за време на бомбардирањето бев на Косово и не ми беше лесно да го оставам семејството, без никакви можности да комуницирам со нив“, вели Џукиќ.

Ратомир Илиќ додава дека после толку години чекање е огорчен на сѐ. „Главниот виновник е Министерството за одбрана. Ги менуваа правилниците како што доаѓаше нов министер на функцијата, за да ги приспособат на себе и на своите и полесно да манипулираат со давање станови на лица кои немаат никаква врска со војската. Сите лажат“, заклучува Илиќ. Тој за некоја седмица ќе го дочека својот 75. роденден – и понатаму живее како воен бездомник.