И „Актор” славеше за завршување на автопатот

Пожар или сообраќајка, светилка или вентилатор што не работат во тунелите, и сѐ што се случува на новиот автопат од Демир Капија до Смоквица ќе се бележи во контролниот центар во Неготино. Пред и во двата тунела се поставени 68 камери и заедно со 4-те контролни системи во центарот, треба да овозможат брза и ефикасна интервенција на МВР, противпожарни екипи и други служби.

„Само бомба може да го прекине 24 часовниот надзор на автопатот”, се пошегува еден од 17. вработени во Центарот, кој што е граден по ЕУ стандарди. Тој е дел од инфраструктурниот проект вреден 227 милиони евра, со кој се заокружува коридорот 10 низ Македонија.

„Нема да пропуштиме да кажеме дека проектот го започна претходната влада”, рече премиерот Зоран Заев пред директорот во Директоратот за проширување на ЕУ, Кристијан Даниелсон, ЕУ амбасадорот во Македонија Самуел Жбогар, министерот за инфраструктура и транспорт на Грција, Христос Спирцис и неколкумина претставници на македонската влада, на свеченоста за официјално отворање на новиот автопат. Меѓу нив не беше вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.

„Овој проект беше од огромна потреба за граѓаните, ние тоа го познавме и го потенцираме. Ние ќе ги завршиме сите започнати патни проекти во најбрзи рокови. Граѓаните на Грција и граѓаните на светот да можат да циркулираат низ Македонија по модерни и безбедни патишта. Овој автопат поврзува и води кон ЕУ, оваа делница ја има вградено соработката помеѓу Македонија и ЕУ. Нема да дозволиме повеќе катастрофални импровизации”, кажа Заев.

Со новите 28,2 километри автопат низ Македонија се додава делот кој недостасуваше во Паневропскиот коридор 10, кој ќе ги поврзе Салцбург со Солун, овозможувајќи одржливо и побезбедно патување, нагласи Даниелсон, додавајќи дека од вкупната инвестиција, 62 милиони евра се грант на ЕУ.
„Поврзувањето и транспортот остануваат главна тема во регионот, и таа ќе биде доминантна и на мајскиот Самит на ЕУ во Софија, бидејќи 109 милиони евра се оставени за транспортните проекти”, рече Даниелсон.

Изградбата на автопатската делница почна на 27 јули 2012 година. И покрај постапката што Специјалното јавно обвинителство ја покрена против изведувачот – грчката фирма „Актор”, која што се сомничи дека незаконски победила на тендерот иако најефтина била понудата на италијанската компанија Тото и дека незаконски се извлекувани пари од проектот, „Актор” ја доврши изградбата. Луѓе од компанијата беа и на свеченото отворање на делницата. И Европската агенција за борба против корупција (ОЛАФ) ја истражуваше работата на „Актор”.

На овој дел од автопатот има два тунели, шест мостови, пет надвозници и седум подвозници. Во периодот 2020-2025 се очекува по него да минуваат до 10.000 возила дневно.

Анита Салтировска