Истражување: Една третина од регистрираните медиуми во Србија се неактивни

Во Србија има 2.500 медиуми, но 30 отсто се неактивни, покажа истражувањето спроведено од Синдикатот на новинари на Србија.
Во прилог на овој факт, според СИНОС, е податокот што прашалникот за потребите на истражувањето за дигитални медиуми бил испратен на 593 адреси, а одговор пристигнал од 64.
– Дел од дигиталните медиуми е во сивата зона, позицијата на вработените е нетранспарентна, а сопственоста е нејасна, е еден од заклучоците на истражувањето, направено со поддршка на Меѓународната федерација на новинари.
Се додава дека сопствениците на дигиталните медиуми најчесто одбиваа да го објават бројот на вработените и висината на платите.
Од Синдикатот утврдиле дека ниските плати, несигурната работа и недостатокот на колективни договори, освен за вработените во РТС и РТВ, се основни карактеристики на работењето во дигитални медиуми.