За „Траекторија“ ќе се слушаат над 300 „бомби“


Поранешниот премиер, Никола Груевски и поранешните министри, Миле Јанакиески и Владимир Пешевски во Кривичниот суд ги слушаа сопствените разговори во судница за случајот „Траекторија“, односно за изградбата на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид. Повеќето од разговорите кои ги слушна јавноста беа договарања за потпишување на меморандум и за посетата на Кина.

Одбраната на обвинетите побара дел од „бомбите“ да не бидат пуштени пред јавноста, но судијата Горан Бошевски рече дека за ова барање ќе одлучува на крајот.

Обвинителката од СЈО, Лиле Стефанова вели дека овие разговори имаат содржински контекст и се суштински.

Судијата Горан Бошевски ги тргаше настрана тие прислушувани разговори, на што реагираше специјалната обвинителка Лиле Стефанова.
„Не се овие приватни разговори за да не ги пуштате сега. За најсуштинските разговори одбраната бара судот да не ги пушта јавно. И да одлучите подоцна да ги пуштите судија, веќе ќе биде изгубен континуитетот“, рече Стефанова.  Изреволтиран од излагањето на Стефанова, Пешевски порача дека со нивното барање се штителе државните интереси.

Случајот „Траекторија“ се води против поранешни високи функционери кои се сомничат дека во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатните делници Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Тие, според СЈО, нанеле штета на државниот буџет од најмалку 155.117.172 евра и за истиот износ на компанијата изведувач ѝ овозможиле да се стекне со имотна корист.